
В недела, на 22 јуни, во рамките на манифестацијата „Крушево град на културата“ за 2014 година првпат во Крушево ќе се одржи уличниот театар под отвореното небо „Баскерфест 2014“.
Посетителите ќе имаат единствена можност да ги видат одличните уметнички настапи на артисти, музичари и театри од целиот свет. Почетокот е во 19 часот, а ќе трае до полноќ. Веќе од следниот ден, градот на културата ќе се претвори во филмски град.
„Човекот со чудна навика да ме мава со чадор по глава“, „Трето полувреме“, „Панкот не е мртов“ се само дел од програмата на ревијата на современ македонски филм. Филмовите ќе се прикажуваат секој ден, од понеделник до недела, во Домот на култура во Крушево, со почеток во 20 часот.
Неделата на филмот ќе им донесе среќа и на најмладите – децата, зашто е предвидена посебна програма. Ревијата на германскиот детски филм – детска програма од фестивалот „Буф“ ќе почне на 24 јуни во 12 часот, со филмот „Точкичка и Антон“. Покрај Општина Крушево и Министерството за култура на Република Македонија, организатори на неделата на филмот се: Кинотека на Македонија, Агенцијата за филм на Република Македонија и „Гете институт“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


