| четврток, 6 декември 2018 |

ДОМ со кампања за породилно отсуство од 12 месеци

На третото изборно Собрание на форумот на жени на ДОМ што се одржа во Битола беше донесена Програма за работа во која еден од главните приоритети е економското јакнење на жените

Политичката парија ДОМ преку Форумот на жени  почнува кампања со која ќе бара флексибилно работно време за жените, породилно отсуство од 12 месеци, зголемување на бројот на градинките, посебно во македонските села и нивна целодневна работа.

На третото изборно Собрание на Форумот на жени на ДОМ што се одржа во Битола била доенсена Програма за работа во период од 2013 до 2017 година, во која главен приоритет е економското јакнење на жените. Од ДОМ посочуваат дека економската независност е предуслов за достоинствен живот на жените и нивните семејства, а со тоа и развој на државата.

Од ДОМ, како зелена партија ќе бараат активна партиципација на жените во „Озеленување“ на економијата и создавање нови „зелени” работни места, во користењето обновливи енергии, зголемување на енергетската ефикасност, развој на туристичкиот сектор, современ третман на отпадот и водите, производство на здрава храна и рурален развој. Програмата на Форумот на жените бара и зголемување на поддршката на жените при основање приватни фирми, преку даночни олеснувања, кредитни линии или бенефиции кон фирмите каде менаџерскиот тим е од женски состав или каде доминираат женски работни позиции.

ДОМ во кампањата ќе бара и поголема застапеност на жени – управители и претставници во управни и надзорни одбори, достапни едукации од областите како бизнис, менаџмент и маркетинг, формирање фонд за поддршка на неформалниот бизнис сектор (организиран извоз и пласман на македонски ракотворби и производи на занаетчиите) и ефективна примена на законските одредби за борба против мобингот на работното место.

Кампањата ќе се одвива преку измена на законската регулатива, трибини, предавања, акции и други форми на делување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top