| четврток, 6 декември 2018 |

Почна исплатата на К-15

broenje pari
Приватните компании почнаа со исплатата на К-15 иако за да ја исполнат оваа обврска без да бидат казнет им имаат рок до крајот на годинава, пишува Вечер. Од Државниот инспекторат за труд велат дека имаат информации дека во некои фирми во државата почнал да се исплатува регресот за годишен одмор. Оттаму напоменуваат дека обврската на работодавецот за исплата на К15 е до крајот на годинава, а доколку не го исплати, по овој период ќе следуваат санкции во согласност со законот.

Една од првите компани која своите вработени веќе ги израдува со исплата на регресот е прилепска „Витаминка“. Во оваа фабрика, која е најголем домашен производител на кондиторски производи, се вработени повеќе од 576 луѓе.
– Воведувањето на исплатата на К-15 како законска обврска е за поздрав затоа што и вработените во приватниот сектор еднакво ги заслужуваат овие бенефиции. Тоа е и награда за вработените, што ние претходно го практикувавме преку други начини и стимулации. Одлучивме што побрзо да го исплатиме пред годишните одмори за да можат вработените вистински да уживаат во непланираната добивка. Исполнувањето на обврските кон вработените не е новост за „Витаминка“, независно дали станува збор за законска обврска или наши активности – вели генералниот менаџер на компанијата, Сашо Наумоски.

Сите фирми од приватниот сектор од оваа година имаат законска обврска да им исплатат К-15 на вработените кои кај нив работеле во континуитет шест месеци до крајот на годината. Висината на надоместот со Општиот колективен договор за стопанството е утврдена на најмалку 40 отсто од просечната републичка нето-плата исплатена претходниот месец, што според сегашните пресметки изнесува околу 8.500 денари. Некои поголеми фирми, иако не беа обврзани, на своите вработени и во претходните години им го исплатуваа регресот во сума која самите ја одредуваа. За неисплата на К-15 сега е предвидена глоба од 3.000 до 4.000 евра, и тоа од 2.000 до 3.000 евра за правното лице и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице кај работодавецот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top