
Во годинешниот извештај на американскиот Стејт департмент за трговија со луѓе, Македонија е ставена во групата 1, на држави кои сериозно се справуваат со овој проблем и ги исполнуваат препораките за запирање на трговијата со луѓе. Стејт департментот забележува за намалениот број на истраги и пресуди за трговците со луѓе, и препорачува Ромите принудени на питачење да се регистрираат како жртви на трговија со луѓе.
Во препораките на извештајот, објавен денес, се наведува дека е потребно интензивно истражување, гонење и осудување на трговците со луѓе и нивните помагачи, обука на социјалните работници и невладините организации за да се препознаат случаите на трговија со луѓе при акциите против илегалните имигранти, и да се даде поддршка за групите кои се особено на удар, како што се децата кои питаат на улиците.
Извештајот оценува дека две третини од македонските граѓани кои се жртви на тргување со луѓе се малолетници на возраст од 12 до 18 години. Од странските граѓани, во Македонија најмногу има случаи на жртви на трговија со луѓе принудувани да даваат сексуални услуги и тоа од Албанија, Бугарија, Србија, Босна, Украина и Косово.
Македонските граѓанки, пак, се принудувани на сексуално ропство во Грција, Белгија, Хрватска и други европски држави, најчесто под лажни ветувања за обезбедена работа во странство.
Извештајот наведува дека во 2013 година имало еден нов случај на истрага против трговец со луѓе, што е значителен пад во споредба со 2012 година, кога биле водени истраги против деветмина. Во седум случаи биле покренати обвиненија, а шестмина била осудени за трговија со деца за сексуална експлоатација, а еден бил осуден за експлоатација за работа. Пресудите се движеле од четири до 10 години затвор, со доделена финансиска надомест на четири жртви од околу 9.800 долари. Во текот на годината биле идентификувани 15 жртви на трговија со луѓе, од кои деветмина биле малолетници. Извештајот се осврнува и на состојбата во прифатните центри за домашни и странски жртви на трговија со луѓе, во кои се згрижени вкупно 14 лица.
Извештајот на Стејт департментот се осврнува и на акцијата на социјалните служби и полицијата за отстранување на над 50 деца, претежно Роми, од улиците каде биле принудени да питачат, и нивно сместување во прифатни центри, при што биле изречени парични и затворски казни за родителите.
Македонија останува една од поуспешните земји во регионот на овој план. За споредба, напорите за справувањето со трговијата со луѓе кај најголем дел од земјите од соседството, како Албанија, Босна, Грција, Бугарија, Србија, Црна Гора, Косово се оценети во групата 2.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Столе Стоилов, Катарина Ивановска, Ана Бунтеска , Едина Муса…се вклучија во борбата против трговија со луѓе
-
Кампања „Отворена порта“: Урнете ја призмата на оправдувањето и информирајте се за трговијата со луѓе!
-
Стјуардеса херој: Спасила 14-годишно девојче од трговци со луѓе благодарение на тајна порака
-
Стјуардеса спасила девојче од трговец со луѓе преку тајна порака


