Реконструкција во околу 200 училишта, изградба на десетици нови спортски сали и училишта и набавка на 300.000 таблет-компјутери со тастатура, најави мандатарот Никола Груевски во образованието, образложувајќи ја пред пратениците предлог-програмата на новата влада.
– Ќе се продолжи со стипендирањето за студии на светски реномираните факултети и со реконструкција на постоечките и изградба на нови студентски домови и кампуси, како и опремување на кабинетите и училниците со најсовремена опрема – истакна Груевски во експозето.
Особен фокус во образовниот процес, посочи тој, ќе се стави на иновациите и претрпиемништвото. Приоритети се и реформата на педагошките факултети и спроведување на проектот за замена на учебниците со нови од Универзитетот „Кембриџ“. За промоција на спортот и корисноста од него ќе се доизградат 100-те повеќенаменски игралишта во сите средини и 120-те тениски игралишта, како и голем број нови спортски сали.
– Генерално кажано, во следните четири години ќе има голем фокус на зголемување на квалитетот и стандардите на сите нивоа на образование и зголемување на знаењето и креативноста која произлегува од него – истакна Груевски.
За досегашниот министер за образование и наука Спиро Ристовски, Груевски потенцираше дека дал беспрекорен придонес и дека и натаму ќе биде негов соработник во образованието, а верува оти и новиот министер во овој ресор ќе продолжи со крупни реформи и воведување повисоки стандарди. Во однос на културата, истакна дека ќе се продолжи инвестирањето, промоцијата на културата и културните вредности.
– Владата ќе работи на заштита на македонското национално културно богатство, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската култура и нивна промоција во светот, како и целосна заштита на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници во Македонија – додаде Груевски во презентацијата на приоритетите од програмата за идните четири години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски



