| четврток, 6 декември 2018 |

Состојбата кај Слатинско Езеро драматична, браната се уште се држи!

Оштетената брана на Слатинско Езеро се уште го издржува притисокот на водата од акумулацијата, но ризик од уривање се уште постои, информират од Центарот за управување со кризи. Неуспешен бил обидот на надлежните вчера да ја испразнат акумулацијата поради дефект на испустниот вентил, а ситуацијата дополнително ја усложнуваат поројните дождови.

Фото: Ohrid News

Од ЦУК за Република велат дека ситуацијата претпладневно е драматична исто како и вчера, но ги демантираат информациите во некои медиуми дека браната целосно попуштила.

–       Стручни екипи на министерството за животна средина вчера препорачаа да се изврши контролирано испуштање на вода од акумулацијата преку испустните цевководи. Отворени беа клапните од цевководот со пречник од 350 мм, а додека цевководот од 450 мм нема технички можности да се отвори. Количествата на вода кои истекуваат од браната се проценуваат на 4-5м3 /сек., што е приближно исто со дотекот во акумулацијата од Мраморечката река и изворите непосредно на брегот од акумулацијата. Вкупното оштетување на браната во овој момент е со должина од 15-20 метри од круната на браната и со висина од околу 18 м и при тоа висината на земјениот насип во зоната на оштетувањето не е поголема од 1 м од страната на водата, известуваат од ЦУК.

Од синоќа се евакуирани жителите од Слатински чифлик, но водата од езерото претставува закана и за селата Оздолени и Издеглавје. Сепак, според мештаните, најголема штета ќе претрпи Слатинско поле кое нема да може да се обработува уште многу години потоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top