| четврток, 6 декември 2018 |

Даниел, Тамара, Маид и „Доктори“, а сѐ поизвесно и Жељко Јоксимовиќ, ќе ја забавуваат публиката во Кратово!

Од 20 до 22 јуни Кратово ќе биде центарот на музичките случувања во Република Македонија. По неколкугодишно отсуство, кратовските „Златни денови 2014“ е еден од настаните со кои градот почнува да го враќа својот препознатлив сјај и преку забавни содржини да ги враќа туристите назад во градот со големо историско значење.

„Златни денови 2014“ е фестивал кој од 20 до 22 јуни ќе се одржува во Кратово, на различни локации низ градот. Првиот фестивалски ден е резервиран за забавни изведувачи, а како главни ѕвезди на вечерта се најавуваат ѕвездите од „Икс-фактор“. Дополнително, на првата фестивалска вечер ќе настапат и „Љубојна“. Фестивалот е главно инспириран од Европското првенство во тамбури, кое ќе се одржи на 21 јуни, заедно со  настапот на составот „Оџила“.  22 јуни е ден предвиден за најмладите, со забавни содржини кои ќе бидат главно наменети за оваа возрасна категорија.

Кратовски Златни Денови 2014

Фестивалот е замислен и како своевидна промоција на убавините на Кратово, па за таа цел ќе бидат организирани интересни дополнителни активности за сите посетители почнувајќи од посета на локалитети, сѐ до одржување на концерти на специфични локации во пријатен амбиент, како и забава за помладата публика со диџеите од „Сити радио“ и диџеј „Шорти Пи“.

Како одлични домаќини, кратовци со нетрпение ги очекуваат „Златните денови 2014“. За самиот град ова ќе биде настан кој дополнително ќе го раздвижи градот, а со тоа и можност за сите посетители, покрај природните убавини на градот, да ги запознаат и традициите и обичаите на овој дел од Македонија.

На еден ден пред настапот на Даниел Кајмакоски, Тамара Милановиќ, Маид и „Доктори“ во Кратово сѐ погласни стануваат шпекулациите дека е можно специјално изненадување на концертот да биде големата балканска ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. Тој им беше ментор на дел од ѕвездите на „Икс – фактор Адрија“, а сосема случајно (или можеби намерно) в сабота ќе одржи голем концерт на арената „Филип Втори“.

jovana-jankovic-zeljko-joksimovic

Жељко Јоксимовиќ веќе пристигна во Скопје заедно со сопругата Јована, без двомесечниот син Коста, но и со 15 шлепери сценска опрема, која ќе биде монтирана на стадионот „Филип Втори“. Концертот на српскиот пејач е закажан за в сабота со почеток во 21 часот, а со оглед на променливото време и честите дождови деновиве, организаторите на настанот велат дека немаат резервна варијанта и без оглед на временските услови – концертната локација останува градскиот стадион. Да се надеваме дека убвата петочна вечер ќе ја искористи да дојде во Кратово и да се види со Даниел, Тамара, Маид, а зошто да не и да се фати и за микрофонот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top