| четврток, 6 декември 2018 |

Скандинавците најсреќни, Бугарите најнесреќни Европејци

happy

Скандинавците, можеби, се граѓани што плаќаат највисоки даноци во Европската унија, но тие се и најсреќните народи, според новото истражување на јавното мислење, изработено од британската Национална статистичка служба.

Девет од десет лица во Данска и во Финска се опишуваат како задоволни или среќни од животот. Просечно во целата ЕУ задоволсто или среќа од животот изразиле 69 проценти од Европејците.

Истражувањето покажува дека едвај 38 проценти од бугарските граѓани се задоволни од својата судбина. Бугарите, исто така, се најмалку задоволни во ЕУ од социјалниот живот или од семејството и најмалку спортуваат.

На прашањето дали сметаат дека нивниот живот има смисла, 91 процент од Данците дале позитивен одговор. Деведесет и еден процент од Холанѓаните, исто така, дале позитивен одговор. Последните на листата се Грците, односно 48 отсто од нив сметаат дека нивниот живот има смисла.

Истражувањето покажа дека кога станува збор за здравјето жителите на Малта и Швеѓаните на 72 години се во добра здравствена состојба, што е околу 20 години повеќе во споредба со нивните врсници од Естонија и од Словачка.

Просечно жителите во ЕУ живеат 61 година во добра здравствена состојба.

Истражувањето опфати прашања во 41 категорија, меѓу кои се здравјето, личната состојба, вработеноста, животната средина, местото на живеење.

Истражувањето е изработено врз основа на податоци на Евростат, на Евробарометар, на истражувањата на Европскиот квалитет на животот, „Галуп“ и на Програмата за меѓународна оцена на студентите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top