| четврток, 6 декември 2018 |

Британската влада призна дека легално надгледувала комуникации на интернет

Британската влада првпат призна дека ги надгледува комуникациите на социјалните мрежи и електронската пошта откако високиот функционер во безбедносните агенции, Чарлс Фар, откри дека пребарувањето на „Гугл“ и „Јутјуб“, комуникацијата преку „Фејсбук“ и „Твитер“, како и примањето и испраќањето е-пошта од небритански државјани во странство е редовно следено.

Фар вели дека станува збор за легално покриена операција затоа што надгледувањето се вршело врз надворешна комуникација.

Според овој висок државен функционер, контролата врз интернетските комуникации е неопходно за државната безбедност.

Признанието на безбедносните агенции дека луѓето се легитимни цели за надгледување и контрола, без судски налог, предизвика бурна реакција во лондонските медиуми и кај пратениците во британскиот парламент.

Пролабуристичкиот „Гардијан“ вели дека интерпретацијата на правото што ја даваат ФАР и разузнавачките агенции им овозможува на безбедносните служби масовно да го контролираат животот на луѓето и нивната приватност, правејќи преседан и во правната практика. Весникот посочува дека за да влезе полицијата во домот на луѓето, потребен е судски налог, а тој треба да постои и при полициското сослушување, но се покажа дека налог на судот или на некој друг правосуден орган не е потребен за да безбедносните власти слободно влегуваат во интернетот и да ја гледаат и читаат нивната комуникација.

„Дејли мирор“ забележува дека признанието на Чарлс Фар само го потврдува сомневањето на многу активисти на камапањата за заштита на приватноста, за тоа дека луѓето не се сами кога пребаруваат по „Гугл“ и пишуваат на интернет. Овој весник не го прифаќа оправдувањето за „легалноста“ што е дадена, како и објаснувањето за високите цели за кои се прави сето тоа.

Комуникациски експерти во „Тајмс“ сметаат дека законски дозволеното прислушување по интернет ја опфаќа не само комуникацијата на „небританците“ кон странство, туку и на сите другите затоа што „Гугл“ и социјалните мрежи се силно развиени и многу раширени низ САД и Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top