| четврток, 6 декември 2018 |

Автомобилскиот гигант БМВ дигна раце од Македонија?

маккар

„Маккар“, официјалниот дистрибутер за автомобилите на БМВ за Македонија, веќе не работи. Седиштето на оваа компанија е затворено и веќе напуштено, иако на него се уште се наоѓаат ознаките на некогашниот ексклузивен увозник за БМВ, „мини“ и „ленд ровер“ во земјава, објави порталот „Фактор“.

Од централата на германскиот автомобилски гигант БМВ во Минхен, потврдуваат дека „Маккар“ веќе не е дистрибутер за нивните автомобили, а нов – нема. Во германската компанија, за сега не сакаат да прецизираат кои се причините за непродолжувањето на соработката со македонскиот дистрибутер.

Од македонската компанија, пак, до сега официјално не информирале дека веќе не се застапници за брендовите. Интернет страницата на „Маккар“ и Фејсбук профилите, на кои се рекламираат овие возила, и натаму се активни, меѓутоа на нив нема никакви информации кои ќе ги известат корисниците за настанатата промена.

„Маккар“ ДОО беше ексклузивен увозник на БМВ, „мини“ и „ленд ровер“ во Македонија. Во неа работеа 30-ина лица. Освен македонскиот пазар за трите бренда, „Маккар“ го покриваше и пазарот на Косово за брендовите БМВ и „мини“.

Компанијата имаше голем салон во Скопје – „Маккар“ центарот е распространет на површина од околу 5.500м2 со двор од 1.000м2. Се состои од два дела кој се поврзани меѓусебно на простор со вкупна површина од 4.600м2, од кои 3.800м2 користеше салонот за БМВ, а остатокот беше салон за „мини“. Дополнително, компанијата поседуваше уште ден салон во центарот на Скопје за автомобилите на „ленд ровер“, но засега нема подетални информации што се случува со дистрибуцијата на овој бренд.

Со одлуката на „Маккар“ и БМВ да ја прекинат соработката по истекот на заедничкиот договор, на мака се најдоа и клиентите во Македонија, кои велат дека сега немаат никаква информација каде да ги носат купените автомобили на овластен сервис или кому да се обратат за проблеми со возилото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top