| четврток, 6 декември 2018 |

Одложено судењето за „Монструм“ поради болест на судијата

Поради здравствени проблеми на судија одложено е денешното рочиште за случајот „Монструм“, потврди за МИА портпаролот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Дејан Ристовски. – Денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 – Скопје за предметот поврзан со петкратното убиство кај Смилковското езеро на кое тебаше да биде објавена пресудата се одложува поради здравствени проблеми на судечкиот судија, кој не може да присуствува на објавата. На денешното закажано рочиште вториот судија – член на судечкиот совет треба да закаже нов термин во најскоро време кога ќе биде објавена пресудата, вели Ристовски. Двајца од обвинетите, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осомничени дека се директни извршители на убиствата се уште се во затвор во Приштина, а косовските власти немаат донесено одлука за нивна екстрадиција во Македонија. Тие во Косово се осудени за недозволено поседување оружје. Обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејди Азири, Сејди Рама, Хаки Азири и Сами Љута тврдат дека се невини. Обвинителката Гордана Гешковска побара најстроги казни за обвинетите со образложение дека свесно ги масакрирале петмината Македонци на Велигден само за да предизвикаат страв кај православното население. Наспроти барањето на Гешковска, одбраната на обвинетите остана на тврдењето дека нема непосредни докази што би упатувале на фактот дека токму осомничените во „Монструм“ се сторители на петкратното убиство. Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 13 април 2012 година, на Велики четврток, веднаш пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Судскиот процес за случајот „Монструм“ почна во декември 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top