| четврток, 6 декември 2018 |

Од 1 јули нова цена на електричната енергија!?

struja
До крајот на овој месец ќе се знае новата цена на електричната енергија што граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јули и ќе важи до 1 јули 2015 година. Во Регулаторната комисија за енергетика во моментов се прават пресметките и засега од таму не сакаат да обелоденат колку ќе чини киловат-час електрична енергија за домаќинствата, пишува Вечер.

Додека се прават калкулации и готват новите цени, граѓаните стравуваат дека во втората половина на годинава ќе треба да плаќаат повисоки сметки за струја. Изминатава година тие беа задоволни, оти имаа ретка привилегија струјата да биде една од најевтините во регионот. Од први јули 2013 цената на струјата во Македонија беше намалена за 4.48 отсто, додека во соседна Србија се зголеми за 11 отсто, а во Бугарија за повеќе од 15 отсто што донесе штрајкови по улиците на Софија и другите поголеми градови.

Енергетските компании ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН до крајот на мај, во утврдениот рок согласно Правилниците на РКЕ ги доставија своите пресметки за нивните трошоци за 2013 година, но јавно не сакаат да кажат дали имаат зголемување и колку тоа ќе влијае врз крајната цената на оваа енергија. Генерално сите три компании имаа одредени инвестиции во енергетските објекти, во опрема и слично, но сепак крајниот збор ќе го каже утврдената методологија по која се прават пресметките.

Моментално домаќинствата во Македонија плаќаат цена на струјата од 80 евра за мегават-час, со вклучени 33 отсто за инсталирана моќност. Фирмите приклучени на дистрибутивниот систем кои се сега и дел од либерализацијата на пазарот на електрична енергија веќе ги почувствуваа првите бенефити од либерализацијата, при што сметките им се намалија од 25 до 30 отсто, а кај некој дури и повеќе од 35 отсто.

Последното поскапување на цената на струјата во Македонија се случи во август 2012 година и достигна 9,83 отсто. Какви ќе бидат годинашниве пресметки ќе се знае за десетина дена. Експертите предупредуваат дека поплавите во регионов нема да влијаат на цената, но сепак стравуваат од украинската криза, бидејќи евентуалниот недостаток на природен гас може да донесе повисоки цени на другите енергенси, како што е струјата, нафтата и мазутот.

За граѓаните од јануари 2015 година треба да стартува либерализацијата на пазарот на електрична енергија, при што домаќинствата самостојно ќе избираат од кој дистрибутер ќе купуваат струја. Некој од компаниите коишто се снабдувачи на електрична енергија најавија дека во трката за зголемување на бројот на консументите ќе ја вратат евтината тарифа на струја. Конкуренцијата носи предност, а дел од снабдувачите на струја сметаат дека во периодите кога е најмала потрошувачката, заради баланс на системот има можност да се понуди и минимална цена.

Според анализите на Евростат, просечната цена на струјата во земјите од ЕУ изнесува 18,4 евра за 100 киловат-часови. Најскапа струја плаќаат Данците и тоа 29,8 евра за 100 киловат-часови, а најевтина Бугарија со 8,7 евра за 100 киловат-часови. Данците за повеќе од три пати плаќаат поскапа струја во однос на Бугарите. Анализирано според куповната моќ во земјите од ЕУ, најскапа е струјата во Кипар, во Германија и Полска, а во Финска, Франција и Луксембург најевтина.

Што се однесува на струјата што ја плаќаат индустриските потрошувачи таа лани достигнала 0,118 евра по киловат-час, при што највисоки биле сметките во Кипар, Малта и Италија.
Анализите за земјите кои не се членки на ЕУ, но претендираат да станат дел од неа, покажува дека во Македонија цената на струјата е за 55 отсто поевтина од европските, а во Србија за 47 отсто, но ако се споредат цените според куповната моќ, Србите, сепак имаат поевтина цена во однос на нас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top