| четврток, 6 декември 2018 |

Подготвена ли е Русија да отстапи за Украина?

RUSSIA-PUTIN-GOVERNMENT

Можеби е рано да се прогласи крај на кризата во Украина, додека проруските сепаратисти продолжуваат – понекогаш по пат на сила – да покажуваат отпор кон власта на централната влада. Но, во текот на последниве денови, се забележуваат охрабрувачки знаци дека Русија е готова да го признае и сериозно да разговара со новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој претходно ја оцени смената на поранешиот украински претседател Виктор Јанукович за незаконска, малку омекна пред изборите и рече дека ќе ги признае резултатите од гласањето со кое беше избран Порошенко. Руски претставник присуствуваше на церемонијата на стапувањето на должноста на Порошенко. Покрај ова, Русија и Украина водат преговори за кризата во источна Украина, и за доставата на руски природен гас за Украина.

Порошенко, кој е богат бизнисмен, на одбележувањето на годишнината од десантот на Нормандија, на Путин му рекол дека анектирањето на Крим од Русија во март не го признава за законско. Тој регион е дел од Украина веќе 60 години, но Порошенко не може да направи којзнае што за да го врати.

Новиот претседател рече и дека ќе воспостави онакви врски со западна Европа, какви што посакуваат многу Украинци, ако не и сите. Но, исто така признава и дека Русија има свои интереси кога станува збор за политичката иднина на Украина. Во изјава при стапувањето на должност тој рече дека е подготвен проруските региони да имаат поголема автономија.

Русија од своја страна ја омекна реториката и Путин најави дека ќе ја засили контролата на руско-украинската граница, со цел да оневозможи да ја минуваат Руси и да им даваат подршка на проруските сепаратисти во Украина.

Клучниот тест за искреноста на Русија ќе се види во тоа дали таа нема да реагира на евентуалното решение на Порошенко (ако тоа биде нужно) да употреби сила против сепаратистите кои ги окупираа админстративните згради и често влегуваат во вооружени судири со владините сили во источна Украина.

Идеалната варијанта е до такви состојби да не дојде, но што и да се случи, бунтовниците треба во еден момент да отстапат и да го прифатат предлогот на Порошенко за амнестија на оние „чии раце не се извалкани со крв“.

По анексијата на Крим имаше сериозни критики дека желбата на Путин да обедини голем дел од руската империја, ќе доведе до заземање на уште земји. Засега тоа не се случи. Можеби Путин на Крим гледал како на посебен случај, а можеби (и тоа е исто толку веројатно) дека санкциите кои ги воведоа САД и европските созјуници, и заканите со уште посериозни казнени мерки, постигнале троен ефект.

фото: ЕПА

Претседателот Обама за време на украинската криза рече дека Украина не е „шаховса табла за Студената војна“. Таа е незавинсна држава со своја историја, на која треба да и биде дозволено самата да си ги решава проблемите, дури и кога сака добри односи со своите соседи, вклучително и со Русија.

Тоа е реалност која Путин треба да ја признае.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top