Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф е во официјална посета на Сицилија, Италија, каде на деловен форум ги презентира можностите за инвестирање во Република Македонија пред високи претставници на големи италијански компании.
Наумоф во Палермо имаше и официјални средби со сопственици на компании од Сицилија, но и од другите региони на Италија.
На средбите, како што информираат од кабинетот на Наумоф, компаниите покажале голем интерес за инвестирање во земјава, а многу од потенцијалните италијански инвеститори беа позитивно изненадени и видно заинтересирани да дознаат повеќе за конкурентната бизнис клима во Македонија. Некои од нив веќе ја потврдија својата намера за индивидуални посети во јули со цел директно да се разгледаат можностите за инвестирање во Македонија. Во текот на летово и есенва предвидено е две бизнис делегации да ја посетат Македонија.
Министерот Наумоф во Палермо се сретна и со генералниот секретар на регионалниот парламент, како и со претседателите на двете најмоќни деловни асоцијации – Стопанската комора на Сицилија и Комората на млади бизнис претприемачи на Палермо.
Организатор на бизнис-форумот што се одржа во деловниот објект на најголемото италијанско здружение на менаџери и претприемачи „Конфимдустрија“ беше Алесандро Дагнино, партнер на позната правна компанија во Италија која има свои канцеларии во Милано, Рим и Палермо. Дагнино ќе отвори своја канцеларија и во Скопје со цел давање правни совети и поддршка за италијанските инвеститори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.