Царината вчера на автопатот од граничниот премин „Табановце“ спречи шверц на еден килограм висококвалитетна опојна дрога – марихуана.
Дрогата е откриена во патничко моторно возило марка „фолксваген голф“ со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин со иницијали А.И. (27) од Скопје.
Како што информира Царинската управа, осомничениот два дена пред тргнувањето на пат, од лице кое не го познава, ја купил марихуаната за сума од 400 евра, која била спакувана во две пакувања замотани во црна фолија и залепени со проѕирна селотејп трака. Откако ја купил марихуанта, едното пакување го скрил во просторот кај моторот под филтерот за воздух, додека другото пакување го скрил зад инструмент таблата, а потоа се упатил кон граничниот премин „Табановце“ со намера да ја пренесе до Прешево во Република Србија.
Запленетата марихуана на западноевропскиот пазар во продажба на големо би достигнала цена од околу 3.000 евра, а доколку би се продавала во помали количини, цената би била неколкукратно повисока. Осомничениот А.И. е лишен од слобода и ќе биде предаден во Основниот суд Куманово.
Царинската управа на Република Македонија до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничениот ќе поднесе кривична пријава поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.