САД се подготвуваат за директни преговори со Иран околу безбедносната ситуација во Ирак и наоѓање начин за спречување на офанзивата на сунитските екстремисти, кои зазедоа големи делови од земјата. Се очекува дијалогот да почне оваа недела, објави весникот „Волстрит журнал“. Во последните денови екстремисти од групата Исламска држава во Ирак и Левантот зазедоа градови во долината на реката Тигар, северно од Багдад. Американскиот сенатор Линѕи Грем од Републиканската партија вчера изјави дека Вашингтон има потреба од учество на Иран за да се спречи владин колапс во Ирак и треба да почне преговори со Техеран.
– Веројатно имаме потреба од нивна помош за да го сочуваме Багдад – истакна Грем.
„Волстрит журнал“ објави дека планираните директни преговори се уште еден чекор кој покажува дека односите меѓу Вашингтон и Техеран се подобруваат со брзо темпо. Ирачкиот министер за надворешни работи Хошијар Зебари пред два дена побара од Западот помош за земјата против исламистичката терористичка група.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


