Веќе пет години по ред, на почетокот од август, на јадранското крајбрежје од градот Стариград-Пакленица, Хрватска, се одржува Меѓународниот фестивал на документарен филм Стариград-Пакленица (СПФФ). Во текот на годините, овој фестивал ја стекна својата вистинска меѓународна вредност, пред сè, поради сè побројното присуство на светските продукции за музички документарни филмови, меѓу кои неизбежни се и продукциите од поранешна Југославија.
Оваа година на своето петто издание на СПФФ, земја партнер е Македонија. По тој повод во периодот од 2 до 7 август во рамките на Македонската недела ќе се прикажат вкупно 11 краткометражни и 2 концертни филмови од македонски автори, според селекцијата на Ненад Георгиевски, музички новинар и автор на еден од филмовите. Филмовите што ќе се прикажат се: “Ако никој не свири” – во режија на Ѓорѓи Јаневски, “Bei The Fish: The story behind” – во режија на Bei The Fish; “Soundless fall of gravitation” – хрватско – германска копродукција во режија на Саша Орешковиќ; “Современа музика за модерната ера – Кирил Џајковски” – во режија на Ненад Георгиевски; Концертен филм -“Љубојна”; ”Мизар: Ѕвездата на надежта” – во режија на Марко Џамбазовски; Влатко Стефановски: “Ритамот на Балканот” – во режија на Небојша Грабеж; “103 Љубовно Писмо до алтернативната култура”- во режија на Синиша Евтимов; “Шутка рома рап: I am underground” – во режија на Мирко Трајановски и Александар Манасиев; “Стринг Форсис: До соголиме ” – во режија на Горан Вучиќ и Тања Рибарска; “Влатко Стефановски – Концерт во живо – Пакленица 2012”; “Гајда” и “Кавал” – во режија на Игор Иванов – Изи, Љубојна Брас Фантази во живо во Универзална Сала.
Покрај одвивањето на Македонската недела, како уметник од Македонија ќе присуствува Влатко Стефановски, во функција на член на жири-комисијата. Стефановски, заедно со оскаровецот Роџер Рос Вилијамс од САД, кој е претседател на жирито, и пејачот Мањификo од Словенија, ќе ја донесе одлуката за најдобар документарен филм, најдобро сценарио и најдобра камера за 2014 г. Влатко Стефановски беше гостин на фестивалот во 2012 г. и неговиот тогашен настап, заедно со документарниот филм за него во продукција Ал-Џезира, ќе бидат прикажани во склоп на Македонската недела на СПФФ 2014.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.