| четврток, 6 декември 2018 |

„Приказните кои ги кажуваме“, „Разонода за здрави луѓе“ и „Карпо Патник“ денеска на „Македокс“

Вистината зависи од оној што ја кажува, запишува, снима. Зависи и од оној што ја толкува. Но, останува неоткриена доколку не се љубопитноста, внатрешните пориви… и архивските материјали.

Љубопитноста што ја будат фрагментираните архивски снимки и желбата повторно да се оживеат го поттикнуваат младиот Матјаж Иванишин да патува низ Војводина, онака како што патувал и единствениот Карпо Година пред 40-ина години. Руралната рамница, се чини, е инспирација за обајцата: Иванишин го создава „Карпо Патник“, а Година еден од своите најпознати и најозлогласени кратки филмови, „Разонода за здрави луѓе“.

Поривот да се претвори тишината на индивидуалните сеќавања во гласна вистина се крие и во „Приказните што ги кажуваме“ за длабоките, сложени, испобркани семејни односи, но топли и полни љубов.

4CAF0087-DA4C-47B4-AFBE-C2A5EF49E548_mw1024_s_n

Во обид да го зачуваат сјајот и веродостојноста на сеќавањата пред да избледат, камерата ја вклучуваат и млади режисери од Македонија, па го документираат трнливиот пат на легендарната „Мизар“, животната приказна на првиот македонски диск-џокеј, љубовта на видни и помалку видни поединци кон филмот, филигранот, поезијата, театарот.

Да се копа по архивите не е лесно, ниту, пак, да се преточат во креативен израз. Токму затоа од денеска, па до петок, во рамки на годинешната шестдневна работилница на „Македокс“, српската режисерка Мила Турајлиќ и израелската продуцентка и режисерка Ноеми Скори ќе зборуваат за најважните аспекти на архивското-документарно филмско творештво.

Приказните стануваат приказни дури откако ќе си ги кажеме на себеси или на некој друг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top