| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов посветен на иницијативите со Бугарија

иванов плевнлиевПретседателот Ѓорге Иванов останува целосно ангажиран во насока на реализација на иницијативите кои беа разменети меѓу него и бугарскиот  претседател Росен Плевнелиев. Ова за МИА го велат од Кабинетот на македонскиот претседател во врска со последните написи во медиумите во Бугарија за предлогот за заедничко чествување на Илинден.

– Неодамна двајцата претседатели разменија писма со иницијативи кои имаа за цел градење на позитивна атмосфера на доверба и соработка. Иницијативите се однесуваа на трансформирање на Декларацијата од 1999-та во Договор за добрососедство и соработка, и нејзино потпишување, на заедничко чествување на настани од минатото, заеднички настап за реализација на проекти од Коридор 8, наведуваат од Кабинетот на шефот на државата.

Првиот таков настан во кој беа вклучени амбасадорите на двете земји, посочуваат од таму, се случи за време на чествувањето на Св. Кирил во Рим. Овој позитивен пример, како што наведуваат, ја отвора можноста на таков начин да се чествуваат и други настани од минатото, кои ќе придонесат за зголемување на довербата меѓу двете држави, народи и општества, и кои ќе придонесат за почитување на заедничките европски вредности на кои се темели развојот на односите меѓу двете соседни држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top