| четврток, 6 декември 2018 |

Сензација на Костарика, Лос Тикос го урнаа двојниот светски првак Уругвај

Репрезентацијата на Костарика приреди огромна сензација со убедлива победа од 3-1 против двојниот светски првак Уругвај во првиот меч од таканаречената група на „смртта“, каде се и Англија и Италија.

Шампионите од 1930 и 1950 година поведоа со голот на Кавани од пенал во 24. минута, и оттогаш беа комплетно надиграни. Во продолжението фудбалски час држеа аутсајдерите од Костарика, а во главната улога беше извонредниот Жоел Кемпбел. Напаѓачот на Арсенал си поигруваше со искусните одбранбени фудбалери на Уругвај, постигна гол за изармнување на 1-1 во 54. минута, а на извонреден начин му асистираше на Урења за конечни 3-1. Во меѓувреме Дуарте со убав гол со глава направи комплетен пресврт за 1-2.

Костарика важеше за апсолутен аутсајдер во групата со Уругвај, Англија и Италија, репрезентации што заедно имаат 7 титули, но популарните Лос Тикос со импресивен премиерен настап покажаа дека ќе бидат тврд орев.

За еден час во истата Д група ќе почне големото дерби меѓу Англија и Италија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top