Спасители на Општинската организација на Црвениот крст од Охрид вчера во Поградец, Република Албанија спасија 12-годишно момче кое скокнало во водите на Охридското Езеро од педалинка, пренесува охридското „Супер радио“.
Момчето, како што велат од охридската организација, било заедно со уште пет други деца. Тие го следеле Светскиот куп за акробатски параглајдеризам што се одржува во Поградец од педалинка. Во еден миг кога се нашле на поголемо растојание од езерскиот брег, момчето скокнало од педалинката која се оддалечила од него и покажувало знаци на давење.
Охридските спасители со брза реакција успеале да го извадат на копно без никакви последици потоа по неговото здравје.
– Сѐ се заврши добро, без никакви потрајни здравствени последици по момчето. Нашите тимови уште еднаш покажаа дека се подготвени да интервенираат и реакциите на самите организатори беа навистина многу позитивни. Токму затоа планираат следното Светско првенство да го организираат повторно над водите на Охридското Езеро, но од македонска страна, изјави претседателот на Црвен крст Охрид Сашо Точков.
Два тима на спасители на вода од Црвениот крст Охрид со комплетна опрема го обезбедуваат Светскиот куп за акробатски параглајдеризам којшто од завчера до недела се одржува во Поградец, Република Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.