Секој од нас многупати во животот се нашол во ситуација да чека во ред и да набљудува како редот во кој не стои се поместува додека неговиот ред не се помрднува. Потоа ќе се премести во редот што се движи побрзо, но сега откако е во него, повторно сѐ застанува.
Овој конкретен идиом гласи: „Секогаш побрзо се движи редот во кој не стоиш“. Но, почетокот на настанувањето на Марфиевиот закон се врзува за изјавата: „Ако нешто може да тргне наопаку, ќе тргне“. И можеби е во право. Но, не затоа што овој закон има некоја посебна моќ, туку поради значењето, кое ние, човечките битија, му го даваме.
Имено, колку пати ви се случило работата што имате намера да ја сработите, да ја завршите без никакви тешкотии? На тоа, се разбира, не се сеќавате бидејќи таквиот развој на настаните ви се чини прилично нормален. Но, затоа, кога ќе ви тргне наопаку, за тоа почнувате да барате причини и оправдувања, и обично се виновни универзалните факти опишани во Марфиевиот закон.
Во текот на изминатите години и децении се шпекулираше околу тоа кој, всушност, го осмислил Марфиевиот закон. Најновата и најшироко прифатена теорија е дека Марфи, навистина, постоел и живеел во Америка и дека вистинското име му било Едвард Марфи Јуниор и работел како научник и пилот во американската војска во 50-тите години од минатиот век. Иако работел како инженер на тестирање на летала во текот на речиси целата своја кариера, еден настан влијаел на настанувањето на Марфиевиот закон.
Легендата вели дека сѐ потекнува од американската воздухополовна база во Калифорнија, каде што во текот на Студената војна се изведувале различни експерименти. Во 1949 година е испробуван проектот под назив MX981 со намера да се испита способноста на човечкиот организам да издржи значителни забрзувања, односно Ге-силата. Тестот се користел за возило на ракетен погон поставено на шини и хидраулични сопирачки.
Почетниот тест бил изведуван со кукла врзана за седиштето на возилото, но во некои тестови учествувал и капетанот Џон Пол Стап. Во текот на изведувањето на тестот се поставило прашањето за исправноста на инструментите што ја мереле силата на која бил изложен капетан Стап. Едвард Марфи предложил електронско мерење на напорот на безбедносните ремени, кои би служеле како мерна сила. Марфиевиот помошник поставил жици, мерачи и вообичаено обезбедување, а пробата била направена прво со шимпанзо.
Инструментите покажале нула вредност и станало јасно дека нешто е погрешно поставено и набргу било утврдено дека сите инструменти се свртени наопаку.
Првиот доброволец Џон Пол Стап експериментот го завршил со многубројни скршеници и повреди и веднаш бил префрлен во болница.
Кога Едвард Марфи седнал во возилото, кое било користено во експериментот, бил опремен со многубројни сензори, чијашто задача била да го мерат точното ниво на гравитациската сила во моментот кога ракетата ќе застане на одредена пречка. Постоеја само два начина сензорите да се спојат и вклучат – правилен и погрешен, и сите биле поврзани погрешно. Забележувајќи ја грешката, Едвард, според легендата, во тој момент, ги изговорил судбинските зборови. Според еден инженер, кој присуствувал на експериментот, Марфи за грешката го обвинувал асистентот, велејќи: „Ако ова момче може што било да расипе, ќе расипе!“
Според него, подоцна инженерите ова го користеле во меѓусебниот разговор како изрека: „Ако нешто може да се случи, ќе се случи“.
Други, вклучувајќи го и синот на Марфи, тврдат дека првобитната изрека на Едвард Марфи гласела: „Ако некоја работа може да се заврши на два или повеќе начини, а само еден води во пропаст, ќе биде завршена токму на тој начин“.
Како и да е, изразот за првпат се појавил на конференцијата за новинарите кога капетанот Стап одговарал на новинарското прашање: „Како во случај на вакви тестови никој не е сериозно повреден?“ Стап одговорил дека сериозно го зеле предвид Марфиевиот закон, а потоа објаснил дека тоа значи дека ги предвиделе сите евентуални проблеми пред тестот.
Без оглед на точниот исказ и потеклото на исказот, духот на овој закон е одбранбен пристап, кој се огледа во предвидувањето на грешките што ќе ги направи крајниот корисник. Марфиевите мерачи на Ге-силата не работеле исправно бидејќи постоеле два начина на спојување: едниот давал точно очитување, а другиот не давал никаков резултат. Крајниот корисник – Марфиевиот помошник, историски лик, имал две можности за спојување на жиците. Се разбира, го избрал погрешниот и мерачите не ја завршиле својата работа.
Од првото јавно појавување Марфиевиот закон од аероинженерингот брзо се раширил во разни технички области и влегол во општата техничка култура. Набргу разните варијации влегле и во популарниот говор, а воопштено духот на Марфиевиот закон се однесува на нагласување на фактите дека негативните нешта се случуваат неочекувано. Така, во секојдневната употреба се појавува и обликот: „ Ако нешто може да тргне наопаку, ќе тргне“, а варијантите се познати и под различни називи (Финаглов закон или Содов закон кај Британците). Во секојдневниот говор постојат и други популарни примери, кои често се користат за истакнување на неизбежноста на баксузот. Омилен пример е: „Зошто лебот секогаш паѓа на замачканата страна?“, каде, се разбира, се исклучуваат случаите кога лебот не паѓа на таа страна бидејќи тој случај не ни е претерано важен. Марфиевиот закон некогаш се поставува како животна филозофија. Заземање одбранбен став во животот значи предвидување на можноста нештата да тргнат наопаку, било да станува збор за инженерско проектирање, љубовна врска, патување со автобус, носење лубеница, местење сателитска антена итн.
Битно е да се нагласи дека Марфиевиот закон е општ, универзален. Значи секогаш и секому. Тоа го разликува од поединечниот случај, кој, обично, се опишува со синтагмата: „Зошто сето ова само мене ми се случува?“
Пишува: Невена Поповска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.