Турски компании од областа на градежништвото, производството на машини и челични конструкции, рударство, автомобилската, прехранбената и текстилната индустрија од Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени (МУСАИД) од градот Сакарија денеска се на бизнис средби во Стопанската комора на Македонија.
Целта е воспоставување деловни контакти со македонски компании од различни стопански дејности за трговија, инвестирање и заеднички настап на трети пазари.
– Претставниците на 13-те фирми присутни на бизнис-форумот доаѓаат од познати компании од Сакарија. Свесни сме дека има многу голем потенцијал за соработка меѓу двете земји и токму затоа сме тука за да откриеме што во иднина може да се направи за да се подобри соработката. Ги испитуваме можностите за инвестирање во Република Македонија, а наша цел е да видиме дали може тука да најдеме партнери со кои во иднина ќе може да работиме заедно – изјави Халит Инчи, претседателот на МУСАИД.
Тој рече дека Сакарија е индустриски град со годишен извоз од 4 милијарди американски долари со кој се остварува околу една третина од вкупната размена на Турција со Македонија.
– Желба ми е од денешните средби да произлезе конкретна соработка со македонските компании – нагласи Инчи.
Илхан Ак, сопственикот на „Акчелик производи“, компанија за производство на товарни железнички вагони и транспортни возила за воздушен сообраќај рече дека е заинтересиран за инвестирање во железничкиот сообраќај во Македонија.
– Железничкиот сообраќај секогаш има потенцијал за развој и ние гледаме таков потенцијал и во Македонија. Јас ги претставувам сите фирми од Сакарија кои овозможуваат модернизација и олеснување на сообраќајот за транспорт на стоки. Годишно имаме обрт од околу 700 милиони долари и сме заинтересирани да видиме какви инвестиции би можеле да направиме во Македонија. Се надевам дека средбите ќе вродат со плод – изјави Ак.
Софче Јовановска од Стопанската комора на Македонија потенцира дека денешната посета на турските бизнисмени претставува продолжеток на досегашната успешна соработка со компаниите од Турција.
– Многубројните посети на бизнисмените од Турција се одговор на потребата на нашата економија за интернационализација на поширокиот регион за заеднички настап не само во регионот на Балканот, туку и на Блискиот исток – изјави Јовановска.
Таа посочи дека во првиот квартал од годинава забележан е раст од 20 отсто на трговската размена меѓу Македонија и Турција. Размената изнесува околу 152 милиони американски долари од кои 26 милиони се извоз од Македонија, а 126 милиони увоз од Турција.
Лани размената меѓу Македонија и Турција изнесуваше 380 милиони долари што е малку повеќе во однос на претходната година.
Турција е и еден од поголемите инвеститори во Македонија. До 2011 година турските инвестиции во земјава беа околу 180 милиони долари, а со доаѓањето на Џевахир холдинг се зголемија за 500 милиони долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.