| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Се надевам Црвенковски ќе се однесува одговорно

Жалам што не успеа последниот обид за излез од ситуацијата, на ден пред завршувањето на рокот за поднесување листи за локалните избори, кој подразбираше вклучување на поголем пакет  прашања што би се разгледувале од експертската комисија, која требаше да даде и препораки за подобрување на системот, препораки чие натамошно имплементирање ќе гарантираше дека вакви нешта нема да се повторат, истакнува претседателот Ѓорге Иванов во денешното интервју за МКД.МК.

– Јас тоа го прифатив, премиерот го прифати, но повторно беше одбиено од Црвенковски. Сметам дека тоа беше идеална можност да се разјаснат работите и дека тоа ќе беше соодветен политички одговор на тоа што се случи на 24 декември, вели Иванов.

Тој открива дека неговиот ангажман во надминувањето на актуелните политички недоразбирања не бил сведен само на една лидерска средба и на предлогот за основање експертска комисија за настаните од 24 декември, туку  имал уште најмалку една средба со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски, и неколку телефонски разговори, кои завршиле неуспешно.

– По настаните на 24 декември јас два пати остварив заеднички средби со премиерот Груевски и господинот Црвенковски. Првата беше по моја лична иницијатива на 12 јануари. Ова сега првпат и го соопштувам на јавноста. Средбата траеше неколку часа и заврши без некој конкретен резултат, ниту пак приближување на нивните ставови и мислења за спомнатите настани. Во меѓувреме остварив и неколку телефонски разговори со еврокомесарот Филе, поврзани со обврските од европската агенда на Република Македонија. Потоа следуваше посета на еврокомесарот и повторно седнав на заедничка маса со премиерот и со лидерот на СДСМ. Токму од тие средби произлезе и мојата иницијатива за формирање експертски тим, кој требаше да почне оттаму од каде што почнаа недоразбирањата – со расветлување на настаните на 24 декември и на тие што им претходеа на нив. Во меѓувреме остварив и неколку телефонски разговори со сите тројца. За натамошниот тек на настаните и донесените одлуки јавноста веќе е информирана, вели шефот на државата.

Иванов истакнува дека одлуката на СДСМ за бојкот не е во интерес на граѓаните, ниту во интерес на самата партија.

– Бојкотот им ја попречува можноста на граѓаните за правото на избор на најдобар концепт и најдобар кандидат. Се надевам дека господинот Црвенковски, кој во минатото ги има извршувано најзначајните државни функции, а кој и денес ја врши функцијата поранешен претседател на Република Македонија благодарение на буџетот на РМ, во периодот пред изборите и во изборните денови ќе се однесува одговорно, со должна почит кон Уставот и кон законите на Република Македонија, пред кои дал и свечена изјава. Убеден сум дека Република Македонија има капацитет да спроведе слободни, фер и демократски локални избори, според меѓународните стандарди и препораките што досега сме ги добиле, и затоа не смееме да се враќаме назад, истакнува претседателот.

Посочува дека сите државни институции функционираат редовно, а  Собранието ќе функционира се додека постои парламентарен кворум.
– Но Собранието е место и за власта и за опозиција. Долгорочниот бојкот од страна на еден дел од опозицијата ќе се одрази на довербата од страна на граѓаните, а тоа не е добро за демократијата. Затоа, од повеќе страни, како од дома, така и од меѓународната заедница, беше побарано СДСМ да се врати во Собранието. Затоа што таму е местото каде што се решава за сето она што е во интерес на граѓаните и на државата, додава  межу другото Иванов во интервју за МКД.МК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top