| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши училишниот проект на ЕВН Македонија за годинава

evn

Со натпреварот во знаења од областа на енергетската ефикасност се заокружи училишниот проект на ЕВН Македонија за учебната 2013/14 година. На детски квиз-натпревар за енергетска ефикасност кој се одржа во Хотел „Силекс“-Охрид, учествуваа претставници на зелените енергетски клубови односно секции формирани во 12 основни училишта низ Македонија.

Тие го покажаа она што го научиле низ целата учебна година, а се натпреваруваа во повеќе игри. Специјално за нив игрите ги креираа младинци од повеќе средни училишта и факултети низ цела Македонија, меѓу кои и штитеници на домот „11 Октомври“ од Скопје.

Победници на детскиот квиз-натпревар се учениците од ОУ „Мите Богоевски“ од Ресен, второто место го освои ОУ „Видое Подгорец“ од Струмица, а на третото место се пласираа учениците ОУ „Ѓорче Петров“ од с. Ропотово. Победниците добија богати награди, а сите учесници подароци од ЕВН Македонија.

Во текот на целата учебна година ученици од 10 до 13 години следеа посебна програма во чии рамки научија за изворите на електрична енергија, ја оценуваа енергетската ефикасност на училиштето и правеа експерименти. Она што беше новитет оваа година е тоа што децата научија како да споведат локални кампањи за штедење на електрична енергија. Во изминативе месеци, зелените енергетски клубови реализираа дури 12 различни кампањи за подигнување на свеста преку најразлични алатки – видео спотови, летоци, постери, настани и посети на соседите.

Училишниот проект на ЕВН се спроведува веќе седум години во рамки на кои се опфатени основни училишта во сите општини во Македонија. Едукативниот процес го минале над 36.000 ученици. Во последните три години основани се секции т.е зелени енергетски клубови во 41 училиште.

evn 2

Партнери на ЕВН Македонија во Училишниот проект се граѓанските организации: Здружение Конект, Центар за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), Младински совет Охрид, Жетва на знаење од Прилеп и Планетум од Струмица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top