Кинеска делегација го посети министерството за земјоделство. Пред министерот Љупчо Димовски, заменик гувернерот на провинцијата Сечуан, Гао Фенг и новоименуваниот амбасадор Вен Џеншун, изразија голем интерес за инвестирање на кинески компании во земјоделскиот сектор. Порачаа дека во Македонија се дојдени за поблиску да се запознаат со условите за инвестирање во земјоделството и во сточарството, посебно во одгледувањето овци и говеда, а го истакнаа и македонското вино кое веќе станува препознатливо на нивниот пазар.
– Кинескиот пазар е најголем во светот, меѓутоа е и многу пребирлив пазар, за кој е потребен квалитет кој ќе ги задоволи потребите на кинеските потрошувачи. Вашата идеја за присуство на кинески компании, кои ќе отворат свои претставништа во Македонија е одлична можност за вашите бизнисмени, затоа што Република Македонија претставува врата кон пазарот на Европската унија. Ја имате мојата поддршка за која било инвестиција во областа на земјоделството, истакна министерот Димовски.
Со цел продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, со Народна Република Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


