| четврток, 6 декември 2018 |

Барањето на Штербик за национална пензија дочекано на нож во Србија

Новиот голман на Вардар, Арпад Штербик, поднел барање за спортска пензија во Србија, но во неговата родна земја ваквиот чин го дочекаа на „нож“. Штербик има право на вакво барање, според законите кај нашиот северен сосед, бидејќи освои две бронзи со српската ракометна репрезентација на светските првенства во Египет и во Франција.

Спорно за Србите е тоа што Штербик потоа зеде шпанско државјанство и бранеше за „црвената фурија“. И со Шпанците беше успешен, освои неколку медали и стана светски првак кога Шпанците беа организатори.

– Треба да видиме дали може законски да се одбие неговото барање. Не сакам да употребувам тешки зборови, но никој не го тераше Штербик да брани за Шпанија. Таму сигурно бил добро платен – изјави Предраг Перуничиќ, државниот секретар за спорт на Србија. И тој беше ракометар, и тоа врвен, а неизвесно е како ќе се разреши проблемот со пензијата на Штербик.

Еден од најдобрите голмани на сите времиња потпиша договор со македонскиот вицешампион Вардар и е едно од најголемите спортски имиња што воопшто дошле во Македонија и настапувале за наш клуб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top