| четврток, 6 декември 2018 |

Атрактивна програма на годинешното „Охридско лето“

Италијанските оперски ѕвезди, сопранот Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи, во придружба на уметниците на Македонската филхармонија под диригентско раководство на маестро Луис Горелик ќе ја имаат честа да го отворат годинешното 54-то издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“.

Музичкиот дел од фестивалската програма нуди изобилие од звучни имиња, потврдени уметници, атрактивни фестивалски настани. Селекторката на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска во камерниот дел од програмската понуда ги издвои настапите на пијанистите Елизавета Леонскаја, Аркадиј Володос, волинистите Кирил Трусов, Нинг Фенг, виолончелистот Нарек Хакназариан, Кадеша дуото од Албанија, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, гудачкиот квартет Јанкелиевич, ансамблот Вариабиле…

За пошироката публика таа најави и неколку светски атракции, чии имиња и настапи се дел од најпрестижните светски музички сцени, настани, за кои рече дека се вистински ексклузивитет. Меѓу нив Јосифова-Неделковска ги издвои настапите на хрватскиот пијанист Максим Мрвица, „Моцарт групата“ од Полска, сензационалните вокалисти, но и актери од израелската перформанс група „Вока пипл“, како и целовечерниот концерт на кинескиот Симфониски оркестар Шенжен.

Како и секоја година посебен избор на фестивалската понуда се прави и за 4. август, за самиот роденден на „Охридско лето“, а ова фестивалско издание публиката ќе има можност да ужива во настапот на еден поинаков Немања Радуловиќ, светски познатиот виолинист кој како што беше најавено заедно со групата „Ѓаволски трилери“ ќе понуди несекојдневна атрактивна програма, со нови звучни димензии.

Драмската програма започнува со „Отело“ во изведба на Битолскиот народен театар, „многу врева за ништо“ на Театар „Комедија“, праизведбата на „Аферата Елсинор“ на Љубиша Георгиевски во изведба на МНТ, „Ждрело“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје. Од македонската драмска сцена тука е уште и настапот на Албанскиот театар со претставата „Предавање“ на текст на познатиот Мартин МекДонах. Од гостувањата во драмскиот дел на фестиваслките сцени во Охрид ќе ги видиме суптилната комедија „Како шпо милувате“ во изведба на „Њу битом“ театарот од Полска, „Његош и ја“ во изведба на Црногорското народно позориште од Подгорица, „Женидба“ од Гогољ во продукција на „У-моста“ театарот од Русија.

Затворањето на ова фестивалско издание годинава ќе биде токму од драмскиот дел на програмата, со претставата „Роденденот на господин Нушиќ“ во изведба на Звездара театарот од Белград, претстава на текст на познатиот режисер Душан Ковачевиќ, а во изведба на познати актери од глумиштето во регионот, предводени од Бранислав Лечиќ.

Директорката на фестивалот „Охриско лето“ Елизабета Јанкуловска истакна дека во насока на приближување на фестивалот до пошироката публика и за непречено одвивање на програмата преземени се повеќе активности, меѓу кои покривањето на сцените на Античкиот театар и на Долни Сарај, обезбедени се кабаници за публиката за неповолни временски услови, како и поставување пристапни рампи за лицата со хендикеп. Секако и оваа година за сите случувања на фестивалот како и за информации за програмата оперативни ќе бидат и достапни и апликациите за „Охридско лето“ за блекбери, ИОС и андроид платформите за мобилните телефони.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top