Граѓанска листа во „својство на партнер во коалицијата, го повикува Јанша во следните десет дена да поднесе оставка на премиерската функција или да побара гласање доверба во парламентот“, соопшти партијата по седница на партиското раководство.
Ако премиерот не одговори на овие барања, Граѓанска листа нема веќе да биде членка на коалицијата, предупреди партијата. Тоа може да и се закани на кревката владина коалиција, составена од пет партии.
Словенечката Комисија за превенција на корупцијата неделава го објави извештајот во кој под сомнение ги става премиерот Јанез Јанша и градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, затоа што не ги пријавиле промените во нивната имотна состојба.
Комисијата утврдила дека Јанша го зголемил својот личен имот „несразмерно и необјасниво“ за најмалку 210.000 евра во споредба со сумата што претходно ја декларирал.
Јанез Јанша ги отфрли обвиненијата.
Откритијата на Комисијата предизвикаа протести во земјата. Меѓу 8.000 и 10.000 лица вчера демонстрираа во Љубљана во знак на протест против корупцијата меѓу политичката елита и со барање за оставка на Јанша.
Претседателот на парламентот и лидер на Граѓанска листа, Грегор Вирант, по објавувањето на извештајот на Комисијата побара Јанша и Јанковиќ да поднесат оставки.
Вирант денеска изјави дека шестмина пратеници од неговата партија ќе гласаат против владата во случај на гласање доверба во парламентот. Тоа би можело да е доволно за да дојде до паѓање на владината коалиција, која располага со мало мнозинство.
Граѓанската листа ја повика Словенечката Демократска партија на Јанша да предложи нов кандидат за премиерската функција, за да ја спаси сегашната коалиција и да бидат доведени до крај почнатите реформи, кои треба земјата да изведат од кризата.
Словенечката Демократска партија во средата, со големо мнозинство, ја потврди својата доверба кон Јанша.
Доколку Граѓанската листа сака да ја собори владата таа треба сама да предложи гласање недоверба во парламентот, посочи Словенечката Демократска партија во соопштение.
Јанша не дава знаци дека сака доброволно да ја напушти премиерската функција.
Словенечката Демократска партија нема никаков проблем да се впушти во нови избори, рече тој во интервју за весникот „Словенске новице“, објавено денеска. Но тоа ќе предизвика повеќе проблеми за нашите граѓани, кои ќе ги почувствуваат последиците од падот на животниот стандард, додаде Јанша.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


