Целта на Организацијата, што било децидно прокламирано во нејзината програма, била создавање автономна македонска држава, додека вооружената борба на македонското население против османлиската власт било основното средство за реализирање на поставената цел. Поради овој факт, првенците на МРО уште во почетната етапа од организациониот развој планирале формирање вооружени јадра, кои подоцна се развиле во организациско-агитациски чети.
Американскиот антрополог Лоринг Денфорт дефинирајќи го националното движење ни ги доближува суштината и целите на МРО како националноослободителна организација. Денфорт смета дека „во своите рани фази, едно национално движење мора да изгради ’една замислена заедница‘ (Бенедик Андерсон) од различни етнички групи, општествени класи, регионални култури, во што стои еден свесен и намерен политички процес… Додека наспроти многу националистички идеологии, важно е да се нагласи дека нациите не ги прават државите, еднакво е важно да не се преврти аргументот и едноставно да се тврди спротивното – дека државите ги прават нациите“. Како и да е, последните неколку години од XIX век и првите две-три од ХХ век го означуваат најбурниот и најквалитетниот период од развојот на Внатрешната организација. Во тој период се појавил четничкиот институт (1898), за кој најзаслужен бил Гоце Делчев, и придонел за побрзо проширување на Организацијата речиси на цела територија на османлиска Македонија. Сепак, пред формирањето на четничкиот институт и организациско-агитациските чети, постоеле други форми на вооружено дејствување или познатите т.н. привремени чети, за кои, всушност, ќе стане збор во овој текст.
Првите размислувања за формирање на организациските вооружени групи датираат од времето на т.н. Мелничко востание (1895), организирано и спроведено од Врховниот македонски комитет од Софија (ВМК). Тоа во своите спомени го нагласува и еден од основоположниците на МРО, Даме Груев, кој во тој период бил во бугарската престолнина. Сепак, ниту во 1896 година сè уште не бил преземени конкретни чекори за создавање на постојани чети, и место тоа, нивниот недостиг бил надоместуван со чети од привремен карактер.
Тие биле формирани по потреба од легални организациски работници, како курири и терористи, но и одредени арамии, кои дејствувале низ Македонија. Овие вооружени групи извршувале одредени казнени акции, пренесувале оружје, или, пак, набавувале средства неопходни за организацијата. По завршувањето на поставените задачи, овие чети се расформирале, а нејзините припадници повторно станувале легални работници на МРО.
Важна улога во овие први вооружени јадра имале куририте на организацијата што биле одговорни за пренесување на тајната пошта и кореспонденцијата, но и на одредени парчиња оружје. Карактеристично за нив било тоа што при извршување на зададената задача, тие биле добро вооружени, а со себе носеле и отров. Во составот на привремените чети, покрај куририте, значајно место заземале и терористите на организацијата. Според Иван Хаџи Николов, првите терористички групи за „казнување шпиони“ биле создадени по директива на Централниот комитет (ЦК) кон крајот на 1895 година. Наредната година, 1896, биле формирани повеќе терористички групи низ целата територија на Македонија. ЦК на МРО, сфаќајќи го значењето на овие групи за организацијата, на конгресот во 1896 година, во Солун им обрнал посебно внимание и ги категоризирала како тајна полиција. Таа се состоела од две одделенија: истражно и казнено. На чело на истражното одделение стоел раководител, кој бил поставуван од страна на претседателот на комитетот (селски, околиски или окружни). Раководителот давал заклетва дека верно ќе ги извршува своите задачи и притоа избирал тројца помошници што не се познавале меѓу себе. Тие давале заклетва пред раководителот. Задачата на истражното одделение се состоела од следење на поведението на членови, поведението на македонското население, како и следење на активноста на јавната и на тајната османлиска полиција. Додека на чело на казненото одделение, исто така, стоел раководител, кој избирал свои тројца помошници. Главна задача на казненото одделение се состоела од спроведување на казните, првенствено смртните, а извршителите на казните биле избирани со ждрепка. Членовите на тајната полиција биле вооружени со револвер и со кама, а во акција и со два револвера. Еден од најпознатите терористи на организацијата бил Андон Ќосето, кој при исполнувањето на задачите секогаш со себе, покрај другото, носел бомби и отров. Меѓутоа поради ограничениот обучен кадар, тајната полиција се градела постепено, а во некои делови од Македонија и многу бавно. Исто така, непознавањето на некои од терористите да се служат со огнено оружје придонело да пропаднат добар дел од замислените акции. Па, така, за да се надмине овој недостиг, одреден број на терористи биле обучувани за ракување и стрелба со огнено оружје.
Во 1898 година биле создадени првите терористички групи во градовите Битола и Охрид. Првата акцииjа во Охрид била убиството на турскиот шпион Димитар Грданов, коj бил осуден како разбивач на единство на масите. За да одредат кој ќе го убие Грданов, групата во која биле Иван Нелчинов, Христо Узунов и Кирил Прличев, влечеле ждрепка. Иван Нелчинов, кому му паднала ждрепката, се откажал правдајќи се дека нема нерви за такво дело и дека не е доволно вешт за ракување со оружје. По ова се јавил Методија Патчев и рекол дека ќе го изврши убиството доколку Нелчинов дадел 10 наполеони за Организацијата. Откако предложената сума била дадена бил направен друг план за убиство на Грданов. Со помош на Христо Узунов и на Кирил Прличев, Патчев на 5 август 1898 година го застрелал предавникот Димитар Грданов во центарот на Охрид, по што сите тројца се уапсени од османлиските власти. Методија Патчев бил затворен во битолскиот затвор, каде што останал сѐ до 1901 година, кога бил амнестиран. Исто така, еден од непосредните организатори, но и учесници во т.н. привремени чети, бил и Гоце Делчев. Така, на пример, во зимата 1895-96 година, Делчев, откако го уредил организацискиот канал од градот Штип до Бугарија, ја предводел и првата група што се движела по каналот, пренесувајќи оружје за потребите во Штип.
Како и да е, четите од привремен карактер немале за цел да извршуваат агитациско-организациски работи, освен конкретните поставени задачи. Тие не биле строго врзани за дејствување во определена околија како подоцнежните чети на МРО. Ограниченоста во нивното дејствување и развојот на револуционерното движење со јасно поставените цели барало трансформирање на првобитните вооружени јадра во постојани организациско-агитациски чети. Според проф. д-р Марија Пандевска, во историската наука формирањето на овие чети за секоја околија во окрузите на МРО, не е определено ниту временски, ниту просторно. Па, така, според Пандевска, конкретни заклучоци би можеле да бидат изведени преку споредбено истражување на историјатите на сите окрузи на Организацијата, при што може да се проникне во генезата и динамиката на развојот во четничкиот институт. За создавањето на овие чети се размислувало уште со Уставот на МРО од 1896/1897 година (глава втора, член 11), при што се предвидувало формирање околиски чети во окрузите, без да се прецизираат начините и методите што треба да се употребат при нивното инкорпорирање во практика. Следен чекор било објавувањето на Окружното на ЦК на МРО од октомври 1898 година. Со Циркуларот, испратен до сите околиски раководства, се барало расформирање на дотогашните т.н. времени чети и се наредувало формирање регуларни околиски чети. Секоја чета требало да има раководство – војвода и секретар што ја вршел улогата на помошник војвода. Конечно, почетната фаза на формирањето на четничкиот институт била заокружена со кодификацијата и установувањето на Правилникот за четите од 1900 година, составен од Гоце Делчев и од Ѓорче Петров.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 91. број на неделникот „Република“, 30.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја