| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија подготвена за српско сценарио

Дирекцијата за заштита и за спасување располага со повеќе видови пумпи за исцрпување вода со различен капацитет. Мали, од 200 до 300 литри во минута, и пумпи со виск капацитет од 3.000 литри во минута. Исто така, располагаме со гумени чамци на дување, скутери за на вода, чизми, кабаници, црева и вреќи за песок со кои се прават одбранбени насипи

Паднаа 37 литри дожд и Скопје остана под вода. Поплавени улици, потопени автомобили, полни подруми, дуќани и куќи – ова му се случи на Скопје минатата недела. Дали Македонија е подготвена за големи поплави? Дали можеме да се соочиме доколку ни се случи српското сценарио?!

Најголема вина за тоа што се случи имаме самите ние. Телефонски и електрични кабли, облека, градежен шут – сето ова беше извадено од атмосферската канализација. Виновни се градежните работници и работниците во фирмите. Одговорните тврдат дека купиштата кабли, кои се најдени во канализацијата, се уште од времето на градоначалникот Ристо Пенов, чијшто мандат заврши уште пред девет години.

Во Скопје постои Штаб за заштита и за спасување, кој сите активности ги спроведува врз основа на законот што ја регулира оваа област. Тој штаб, кој го командува градоначалникот Коце Трајановски, при последното невреме беше активиран од страна на командантот и во неговата работа учествуваа сите членови, министерот Миле Јанакиески, претставник од ДЗС, како и дел од градската администрација. Дел од штабот се директорите на градските јавни претпријатија, а има претставници и од Владата и од ДЗС.

– Веднаш по согледувањето на состојбата на теренот беа мобилизирани сите материјално-технички средства, опрема и човечки потенцијал на сите јавни претпријатија на Град Скопје, како и на Противпожарната бригада на Град Скопје и почнаа активностите за соочување со надојдените атмосферски води. Во текот на ноќта беа употребени повеќе од 80 специјални возила, товарни возила, друга опрема и пумпи за црпење вода. Екипите интервенираа на повеќе локации како критични точки, и тоа сите подвозници во кои имаше собрано големо количество на вода, а беа заробени и неколку автомобили во нив – вели Љупчо Пандиловски од одделението за односи со јавност во Град Скопје.

Скопје има неколку критични точки каде што најчесто се собира вода и се случуваат поплави. Тоа се подвозниците под Стоковната куќа „Мост“, потоа на булеварот „Киро Глигоров“, кај Кванташки пазар, на „Булевар Србија“, на улицата „Павел Шатев“ кај Црниче, железничките подвозници во Бутел и во Автокоманда, како и клучката кај хотелот „Континентал“.

– Покрај подвозниците доаѓа и до преплавување на атмосферските канализации што не можат во моментот да го примат огромното количество вода, но и поради тоа што и покрај огромните напори од јавното претпријатие за чистење на канализациите, дел од нив се затнуваат со фрлање шут, смет и друг масивен отпад во нив. Дел од каналите беа затнати поради големата количина мраз падната врз сливниците и шахтите.  За илустрација на обемот на врнежите може да послужи податокот дека Град Скопје пред четири години постави атмосферски вод со профил од 1.000 милиметри на клучката кај Хотел „Континентал“ со колекторски вод до реката Вардар и тој вод не успеа да ја собере количината од нападнатите врнежи и слеаните води кон булеварот. Сепак, во релативно кус рок во текот на ноќта беа оспособени сите сообраќајници за нормално одвивање на сообраќајот – додава Пандиловски, кој нагласува дека Штабот имал на располагање вреќи, кои беа поставени пред неколку јавни објекти и им биле дадени на неколку граѓани, кои во текот на ноќта побараа помош од таков вид.

– Ова беше само дел од средствата што беа употребени и доколку имаше потреба ќе беше ангажиран и другиот дел од материјално-техничките средства и опрема. Штабот за заштита и за спасување веднаш воспостави дежурни телефонски линии на кои се јавуваа граѓаните да пријават проблеми и во текот на ноќта беше испратена помош во специјални возила, пумпи и вреќи на 90 граѓани што побараа помош. Во текот на наредниот ден имаше уште пријавени за исцрпување вода, за вреќи, за отстранување паднати дрвја од покривите и на сите нив им беше испратена соодветна помош – коментираат од Град Скопје.

Бурите поплавуваат кај Луда Мара и Лепенец

Анализите покажуваат дека како резултат на летни бури, поројните поплави се карактеристични за централниот и за југоисточниот дел на Македонија, кои се карактеризираат со релативно мало количество врнежи во текот на целата хидролошка година. Бурите проследени со поројни поплави најчесто се јавуваат во:

1) Кавадаречко ‐ на реката Луда Мара; 
2) Прилепско ‐ река Боротино; 
3) Скопско ‐ река Лепенец; 
4) Кумановско ‐ Кумановска Река; и, 
5) Струмичко ‐ на река Струмица.

Заедничка карактеристика на овие подрачја е тоа дека станува збор за претежно голи, непошумени ридови изложени на ерозија.

Гумени чамци, пумпи, скутери на вода…

Се покажа дека штабот е подготвен за брза интервенција. Градот во текот на ноќта беше исчистен и веќе следното утро сѐ функционираше нормално. Останаа штетите во домовите, подрумите, институциите и дуќаните што беа поплавени. Неделната ноќ, како и поплавите во соседна Србија и во Босна и Херцеговина, кои, рака на срце, се многу пострашни од тоа што го доживеа Скопје, поттикна прашање – со каква опрема располага Македонија во случај на поплави?

– Дирекцијата за заштита и за спасување располага со повеќе видови пумпи за исцрпување вода со различен капацитет. Мали, од 200 до 300 литри во минута, и пумпи со виск капацитет од 3.000 литри во минута. Исто така, располагаме со гумени чамци на дување, скутери за на вода, чизми, кабаници, црева и вреќи за песок со кои се прават одбранбени насипи. Нив ги има во сите подрачни одделенија на ДЗС. Имаме тимови за спасување во случај на поплави и тие се обучени за спасување и за ракување – вели Мите Димевски, одговорен за односи со јавноста во  ДЗС, кој, сепак, не нагласи конкретна бројка на луѓе обучени за кризни ситуации.

Тој нагласува дека преку своите подрачни одделенија низ републиката, Дирекцијата постојано ги следи критичните места и е во постојан контакт со општините и со сите надлежни институции. Тврди дека постепено се опремуваат со опрема за заштита и за спасување и во моментов располагаат со доволен број средства и опрема што се потребни во случај на природна непогода.

Магистер Стевко Стефаноски, раководител на Секторот за аналитика, процени и за стратегиско планирање во Центарот за управување кризи, вели дека најбогат со вода е вардарскиот слив, кој го сочинуваат реката Вардар и нејзините многубројни притоки, од кои најголеми се Црна Река, Брегалница, Пчиња, Треска и Лепенец.

Поплавите на овој слив најчесто се случуваат како последица на излевањето на реката Вардар или на некоја од поголемите притоки.

– Циклично, секоја четириесетта година територијата на сливот на реката Вардар се карактеризира со долготрајни и обилни дождови, кои резултираат со екстремно високо ниво на водата, чијашто последица се катастрофални поплави – вели м-р Стефановски.

Тој додава дека анализите на поплавите во Македонија во минатото покажуваат дека територијално тие најчесто се случуваат по текот на реката Вардар, главно во долниот дел на Полошка Котлина, Скопско Поле, пред влезот во Таорска Клисура, на потегот Башино Село ‐ Велес, Неготино ‐ Криволак и од Демир Капија до границата со Грција. Поплави често се јавуваат и на долниот тек на реката Пена, по Тетово, реката Лепенец по Генерал Јанковиќ, Маркова Река кај село Батинци, Пчиња и Кумановска Река пред нивниот состав и низводно, Брегалница во Беровско и во Делчевско, долниот тек на Злетовска Река, Црна Река од Доленци до Мариовско, како и на реката Боротино од под Црнилиште, па сѐ до нејзиниот влив во Црна. Во сливот на река Струмица најкритични се Радовишка Река над бунарите за водоснабдување и по Радовиш, Ораовичка Река низводно од Ораовица, Смиљанска Река под Подареш и Струмица од составот на претходните три притоки до Смоларски мост.

Во Македонија посебен проблем прет­ставуваат поројните поплави, кои се последица на краткотрајни интензивни врнежи настанати како последица на специфични атмосферски услови, посебно во летниот период. Таквите краткотрајни бури можат да бидат причина за локални краткотрајни поплави, кои нанесуваат големи материјални штети, посебно ако се зафатени поголеми урбани средини. Во по­рој­ни­те поп­ла­ви од 1995 го­ди­на вкуп­ни­те ди­рект­ни ште­ти из­не­су­ваа 2,930 ми­ли­о­ни де­на­ри, од­нос­но око­лу 3,4 про­цен­ти од бру­то-про­из­во­дот на Ма­ке­до­ни­ја за фи­скал­на­та 1994 го­ди­на.

Поплава, и што сега?!

  • Ако поплавата ве затече во вашиот дом, важно е да се придржувате до следниве совети:
  • Носете гумени чизми и ракавици.
  • Ако случајно проголтате од нечистата вода, која има голема веројатност да е контаминирана, веднаш консултирајте се со лекар.
  • При напуштање на вашиот дом придржувајте се до следново:
  • Не приоѓајте до местата што се несигурни.
  • Не приоѓајте до водите што подолго време стојат, тие се најголем извор на заразни болести.
  • Не приоѓајте ниту до местата на кои водата пребрзо протекува. Колку и да сте добар пливач, не потценувајте ја огромната моќ на водниот тек.
  • Дури и плитката вода што мирува може да биде опасна за малите деца.
  • Не очекувајте од возилата да ве заштитат од надоаѓачките води.
  • Доколку морате да излезете на место што е поплавено, облечете непропустлива облека и користете стап за да проверите што има пред вас во водата.
  • Исклучете ја електричната енергија во целата куќа, како и доводот на гас доколку имате.
  • Поплавите носат потенцијална опасност од значително влошување на хигиенско-епидемиолошките околности и ширење на заразните болести, на кои најизложени се најчувствителните групи граѓани – децата, трудниците, хронично болните и старите лица.
  • Кои се опасностите од поплавата по вашето здравје?
  • Поплавите носат ризик од заразни болести. Оштетените водоводни и канализациски цевки ја зголемуваат можноста да се контаминира водата за пиење. Со загадената вода и храна се пренесуваат цревни и кожни заразни болести.
  • Се зголемува бројот на глодачи и змии за време на поплавите, што претставува дополнителен ризик за здравјето.
  • Големата стоечка водна површина овозможува размножување на комарците и на другите инсекти, кои се преносители на голем број заболувања.
  • Голема е опасноста од повреди. Опасност се урнатите електрични инсталации, електричните приклучоци потопени во вода, големите парчиња скршено стакло и други материјали.
  • Да се намали опасноста од заразни болести и повреди
  • Водата за пиење може да биде загадена. Затоа, избегнувајте да пиете вода од славина, бунари или извори, додека не биде тестирана. Консумирајте пакувана вода.
  • Доколку водата е само микробиолошки загадена, нејзиното вриење од најмалку една минута може да ги уништи бактериите. Но, доколку водата е загадена со хемикалии, провривањето не може да ја прочисти и таквата вода не смее да се користи.
  • Хигиенски неисправната вода не смее да се употребува ниту за миење садови, миење раце, лице, заби, правење мраз.
  • Јадете само конзервирана храна од тегли што биле целосно затворени, а пред нивното отворање треба внимателно да се измијат со чиста вода.
  • Чувајте ја храната на високи, чисти и проветрени места.
  • Неопходно е посебно често миење на рацете со сапун. Посебно внимание да се обрне на чистотата на рацете кај децата и кај постарите лица.
  • Ако дојде до повредување, важно е да се знае дека отворените рани мораат да се исчистат и да се заштитат со фластер или завој за да се спречи инфекција и контакт на раната со нечистата вода. Некогаш е потребен и дополнителен третман, како што е вакцинирање со тетанус. Да се побара лекарска помош доколу се појави црвенило, оток или гноен исцедок на раната.
  • Задолжително да се побара лекарска помош во случај на појава на гадење, повраќање, малаксаност, дијареја, покачена температура.

Со заеднички сили против природните катастрофи

Иако Македонија, начелно, е подготвена за соочување со поплави, од ДЗС велат дека и помошта од страна и соработката со земјите од регионот е добредојдена. Таква соработка, тврдат тие, веќе постои.

– Македонија има соработка со државите од регионот во случај на кризни ситуации. ДЗС испрати помош во Србија и во БиХ, пред неколку години на двапати во Албанија и испраќа секаде каде што ќе има потреба од тоа и кога ќе биде побарана – вели Димевски.

М-р Стефановски од Центарот за управување со кризи смета дека заедничка стратегија за дејствување на Балканот во вакви кризни ситуации е неопходна.

– Искуствата од големите шумски пожари што во 2007 година го зафатија регионот сериозно го отворија тоа прашање. Сега состојбата со поплавите повторно го актуелизираше прашањето. Речиси сите земји од Балканот спаѓаат во категоријата мали и економски недоволно силни земји, што претставува ограничувачки елемент за градење национални капацитети наспроти можноста со заеднички вложувања на еден порационален и економски поприфатлив начин да се изградат капацитети што ќе бидат за заеднички потреби на балканските земји – коментира тој.

Што по поплавата?

По повлекувањето на водата, неопходно е да се санираат подрачјата што биле зафатени со водата. Држете се подалеку од соборените електрични водови, а нивната локација пријавете ја кај надлежните институции. Неопходен е преглед на електричните и на гасните инсталации во домот од страна на стручни лица, пред воопшто да влезете во објектот. Од комуналните претпријатија да се бара чистење и санација на канализацискиот систем. Задолжително е темелно чистење на ѕидовите и на подовите на просториите во кои стигнала поплавата.

  •  Да се фрлат загадените предмети и материјали што не можат да се исчистат или дезинфицираат.

  •  Алиштата и обувките, како и детските играчки, да се исчистат и дезинфицираат.

  •  Да се фрли сета храна што дошла во допир со поплавата.

  •  Да се исчистат работните површини и приборот за храна.

  •  Да се избегнува возење автомобил во првите денови по поплавата поради можни опасни оштетувања на патната мрежа.

 

(Пишува: Билјана Зафирова/Владо Оцевски
Текст објавен во 91. број на неделникот „Република“, 30.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top