За реновирање, за одмор, за затварање долгови, најдобра опција за граѓаните засега е подигањето потрошувачки кредити. Тоа го докажуваат и последните податоци на Народната банка на Македонија, според кои во април годинава, од вкупно одобрените кредити во денари за домаќинствата, кои тежеле 1,446 милијарда евра, дури 680 милиони евра биле потрошувачки кредити. Според банкарите, голем е интересот и за станбените кредити, кои бележат пораст на кредитирањето од 12,7 проценти за една година. И додека потрошувачките и станбените кредити евидентираат пораст, побарувачката за автомобилски кредити паѓа, што е врзано со слабата продажба на нови возила. Интересот за користење на минусот на тековните сметки, според банкарите, и натаму останува многу атрактивен, а во обидот да привлечат што повеќе клиенти, банките дозволуваат и пречекорување на два редовни прилива од плата или пензија. Трендот, пак, на вадење и користење кредитни картички бележи благ пад. Кога ќе се подигне кредитот, доаѓа на ред неговото враќање, а, според банкарите, граѓаните се подисциплинирани должници отколку фирмите. Најсигурни за наплата остануваат станбените кредити, па потрошувачките, додека најсериозни проблеми при наплатата има кај автомобилските кредити.
Најновите податоци на Народна банка на Македонија покажуваат дека потрошувачките кредити најбрзо се зголемуваат, па така тие се повисоки за 30 милиони евра во однос на јануари годинава, а во истиот период вкупните кредити во денари за население се зголемиле за 35 милиони евра. Додека, пак, околу 10 милиони евра изнесувале потрошувачките кредити одобрени во странска валута.
Потрошувачкиот кредит побаран од кредитните картички
Банките им ги одобруваат потрошувачките кредити на граѓаните, главно, без одредена намена, а поретко се случува тие да се доделуваат за конкретна потреба, на пример за набавка на бела техника, за туристички аранжмани, за образовни цели и слично.
– Потрошувачките кредити граѓаните ги земаат за намирување на некои тековни потреби, купување бела техника, реновирање. Ние имаме пораст од 26 проценти на потрошувачките кредити годинава, во споредба со лани – велат во НЛБ Тутунска банка.
Со сличен став и од Комерцијална банка.
– Потрошувачките кредити се едни од најбараните кредити за граѓани бидејќи се ненаменски и со нив може да се задоволат повеќе различни потреби. Покрај тоа, потрошувачките кредити се одобруваат со поволни каматни стапки и рокови на отплата, а како предност е и брзата постапка на одобрување кредит. Во согласност со евиденцијата на Банката, најголемиот дел од портфолиото на кредити за население, го сочинуваат потрошувачките кредити. Потрошувачките кредити се обезбедени со меница и менична изјава, а за одредени кредити, во зависност од бараниот износ и кредитната анализа, Банката како услов предвидува еден или двајца кредитоспособни жиранти. Како инструмент за наплата за сите потрошувачки кредити е предвидено административна забрана од плата или траен налог – вели Маја Стевкова- Штериева, главен финансов директор во Комерцијална банка.
Комерцијална банка нуди потрошувачки ненаменски кредит со клаузула во евра со променлива каматна стапка од 7,65 проценти годишно. За станбените наменски кредити со клаузула во евра за првите три години е предвидена фиксна каматна стапка од пет проценти годишно и 6,65 проценти променлива годишна каматна стапка за останатиот период на отплата на кредитот.
Според Стевкова – Штериева, најголемиот дел од кредитите за граѓани уредно се сервисираат во согласност со договорените рокови. За кредити за кои се утврдило доцнење во отплатата на обврските кон Банката, од Комерцијална банка се постапува во согласност со Договорот за кредит, актите на Банката и со законските прописи.
Додека расте интересот за потрошувачките кредити, опаѓа за кредитните картички, но населението, сепак, не се откажува од оваа банкарска понуда, така што тие заземаат значаен дел од вкупно одобрените заеми. Имено, по основа на кредитни картички, граѓаните во април должеле вкупно 194 милиони евра, што е за околу три милиони евра помалку отколку во јануари. Кредитните картички имаат убедливо повисока каматна стапка од сите видови задолжувања на граѓаните, а според последниот податок во март, таа изнесувала 10,8 проценти.
– Бројот на издадени картички оваа година го задржува истиот тренд како и минатата година. Во поглед на нивното сервисирање, односно наплата на достасаните побарувања што произлегуваат од нивно користење, трендот е сличен како и претходните години, а банката континуирано ги спроведува сите процедури за наплата, користејќи ги механизмите што ги има на располагање -вели Стевкова-Штериева. Од оваа банка велат дека тие нудат поволни кредитни производи за граѓани, кои се конкурентни и направени во согласност со потребите на клиентите.
– Можноста и потребата за создавање нови кредитни производи зависи и од пазарните трендови, конкурентските предизвици и од побарувачката од страна на клиентите – додава Стевкова-Штериева.
И Стопанска банка – Скопје има широк асортиман на кредитни производи, кои клиентите добро ги познаваат и редовно ги користат. Поради природата на производите и нивната широка примена најголем процент од кредитните производи за население на Банката припаѓаат на потрошувачките кредити и на кредитните картички.
– Покрај револвинг кредитот, ненаменските потрошувачки кредити со еднакви месечни рати се достапни со износ до 10.000 евра без обезбедување, со рок на отплата до 10 години и со можност за избор на валута (денарски или денарски со девизна клаузула). Изборот на кредитниот производ, меѓу другото, зависи и од сезонскиот карактер на потребите и во зависност од периодот во годината, како на пример, во моментов, најмногу се користат потрошувачките кредити и дел од овие кредити се достапни и во туристичките агенции со што значително го олеснуваме пристапот до финансии за нашите клиенти, сѐ со цел да си овозможат патување за себе и за своите најблиски – велат од Стопанска банка.
Оттаму додаваат дека нивните анализи на пазарот покажале дека пролетниот период не го опфаќа само планирањето летни одмори туку и планираните реновирања и опремувања на домот, семејните веселби – свадби и матури и, можеби, затоа клиентите комбинираат да задоволат повеќе потреби со еден кредит.
– Секако, Банката токму во овој период им излегува на клиентите в пресрет со намалени трошоци и каматни стапки гарантирани за првата година од користењето. Со промотивната понуда и со советувањето што го обезбедуваме за клиентите во нашите филијали, можат полесно да изберат кој тип кредит да го користат и веднаш да пристапат кон реализација на своите планови. Во моментов, потрошувачкиот кредит е со гарантирана каматна стапка за првата година од само 6,5 проценти и без административни трошоци, а новоиздадените виса кредитни картички се со каматна стапка од 6,9 проценти за сите купувања до крајот на годината. Исто така, Стопанска банка веќе ги овозможи сите виса дебитни и кредитни картички за плаќање на интернет. За таа цел, во изминатиов период Банката ги спроведе заштитните кодови (3-D Secure на своите картички познат како VbV (Verified by Visa) и MasterCard Secure Code), кои обезбедуваат највисок степен на заштита при извршувањето на интернет-трансакциите – велат од Стопанска банка.
Минус за преживување
Што се однесува до другите можности што ги нудат банките, поточно минусот, тој и натаму помага за преживување на голем дел од населението, кое во април по таа основа на банките им должело речиси 86 милиони евра, што е само мало намалување, за околу еден милион евра, во однос на јануари годинава. Каматните стапки кај негативните салда по тековните сметки се на второ место по висина по кредитните картички, односно во март биле на ниво од 9,5 проценти.Со оглед на тоа дека потрошувачките кредити, картичките и минусите доминираат во структурата на долговите на граѓаните кон банките, може да се каже дека тие најмногу се задолжуваат за трошење, или, пак, за преживување. Често се случува тие да се решат да земат еден потрошувачки кредит, со поприфатлива каматна стапка, со кој ќе се „затворат“ повеќе картички, а плус дел ќе остане и за трошење, можност што ја нудат повеќе банки.
Што се однесува до инвестирањето во недвижни добра, податоците од НБМ говорат дека населението помалку влегува во задолжување за тоа што би се нарекло лично инвестирање, како што е, на пример, купување станови или автомобили. Во април годинава, по основа на станбени кредити одобрени во денари, македонските граѓани должеле 321 милиони евра, што е пораст за 10 милиони евра во однос на јануари. Значаен износ од станбените кредити биле одобрени и во странска валута, околу 54 милиони евра. Или, во април населението за кредит за стан вкупно должело 375 милиони евра.
Автомобилските кредити не само што се на многу мал износ во однос на другите, туку и регистрираат намалување. Па така, во април само околу 15 милиони од банкарските заеми во денари биле вложени во автомобилски кредити, што е пад за два милиона евра во споредба со јануари.
Ако се гледаат податоците на НБМ, може да се забележи дека банките на населението многу повеќе му одобруваат кредити во денари отколку во странска валута. Па така, кредитите одобрени во денари во април изнесувале 1,446 милијарда евра, додека, пак, во странска валута биле доделени вкупно заеми од 82 милиони евра.
Бројките на централната банка покажаа и дека во април има значаен пад на кредитите за бизнисот во однос на март бидејќи кај приватните фирми кредитирањето се спуштило за 20 милиони евра. Или, ако во март вкупните кредити одобрени кон компаниите изнесувале 2,228 милијарди евра, во април се свеле на 2,208 милијарди.
Додека кај граѓаните повторно има месечен пораст на кредитирањето, за 14 милиони евра, поради поголемиот пад кај фирмите има намалување и кај вкупното кредитно портфолио на земјава.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 91. број на неделникот „Република“, 30.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.