Црква ќе никне на Смилковското езеро. Денеска ќе биде поставен и осветен камен-темелник на црква која ќе се гради во траен спомен на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Борче Стефковски, сите убиени на 13 април минатата година.
Месните заедници Стајковци, Смилковци, Црешево и Виниче во општина Гази Баба иницираа изградба на македонска црква „Светите четириесет маченици – Младенци“ со благослов на архиепископот охридски и македонски, г.г.Стефан.
На местото викано Кршиколе или Крст, до заобиколницата на Скопје, кај Смилковското езеро, на местото каде подмолно и свирепо лани беа убиени, ќе никне вечниот спомен. Црквата во основата ќе биде 150 м2 со уреден парк од 6.000 м2, а околу црквата ќе има камбанарија, голем крст, пет видиковци и пет бора во спомен на убиените. Проектот е изработен од градежната фирма Жикол, за што иницијаторите изразуваат голема благодарност до ктиторот и сите донатори.
Со решение на архиепископот формиран е Црковен одбор во состав: свештеник Жаре Пејковски, претседател и членови Драган Танаскоски, Благојче Трпковски, Томе Димовски, Новица Томевски, Добре Костовски и Томе Лазаровски.
На осветувањето ќе присуствуваат месното население од околните села, семејствата на убиените, свештеници од Скопската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



