Директорот на Генералниот директорат за проширување на Европската унија, Кристијан Даниелсон, попладнево треба да пристигне во дводневна работна посета на Република Македонија, при што се очекува да се сретне со државниот врв, како и со лидерите на политичките партии.
Како што јавува дописникот на МИА, денеска Даниелсон се очекува да има средба со претседателот на македонската влада, Никола Груевски, како и со лидерите на ДУИ и на СДСМ, Али Ахмети и Зоран Заев.
Според најавите, првиот оперативец за проширување на Унијата, утре ќе се сретне во Скопје и со министерот за надворешни рбаоти, Никола Попоски, и со вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими.
Исто така, предвидено е Даниелсон да има брифинг за сите амбасадори на земјите-членки на ЕУ во Скопје, како и средба со американскиот амбасадор Пол Волерс.
Иако средбата на Даниелсон со Ахмети и со Заев била планирана за утре, според информациите, поради утрешниот конгрес на ДУИ, како и посетата на лидерскиот двоец на СДСМ, Заев-Шекеринска на Брисел и средбата со евркомесарот Штефан Филе, овие состаноци ќе се одржат денеска.
Сите овие средби и состаноци се во организација на канцеларијата на ЕУ во главниот град на Република Македонија.
Инаку, посетата на Кристијан Даниелсон на Скопје, доаѓа како најава за скорешното пристигнување на комесарот Филе во македонската престолнина, со цел продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) меѓу Европската комисија и македонската Влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.