| четврток, 6 декември 2018 |

Ванковска: СДСМ се политички дезертери

vankovska1

Универзитетската професорка Билјана Ванковска во нејзината колумна во весникот „Нова Македонија“ пишува за дезертирањето на СДСМ на последните избори. Во колумната Ванковска говори и за враќањето на мандатите и тоа што најбезобразно го сторија 33 пратеници од опозицијата кои оставија 300 илјади граѓани без политичко претставништво во наредниот период, а не поднесувајќи приговор до ДИК.

„Нашите опозиционери дезертираа, и тоа нечесно: откако прво го наметнаа она понижувачко обележување на палците, откако водеа кампања и повикаа на масовен одѕив, по што значителен дел од електоратот (вклучувајќи ги и неопределените) им даде доверба, тие на крајот почнаа да се жалат дека немале фер услови за борба. А што очекуваа од „режим“? Една позната дефиниција за демократијата гласи: тоа е систем во кој политичките партии губат на избори. Ама СДСМ не стигнало до таа лекција. На крајот, 33 пратеници со чист мандат од граѓаните најбезобразно го вратија назад и оставија речиси 300.000 граѓани без политичко претставништво во наредниот период. Притоа не поднесоа ниту еден приговор до ДИК за нерегуларности на изборниот процес, па така заедно со водата го исфрлија и бебето. Зарем тоа не е дезертирање, особено кога Заев вели дека сега ќе правеле „стратегија“ за вонпарламентарно дејствување? Од она што го навестуваат оттаму излегува дека воопшто немале план Б пред да влезат во изборите, освен ако не очекувале да ги спаси американската коњица. Опозициската елита (на чело со Ружин, кој е последниот што има морално право да зборува за нечија „слабост и непринципиелност“) ја напаѓа единствената пратеничка што постапи според својата совест, но и според принципите на претставничката демократија. Нејзината партија жали што статутот не дозволува исклучување од членство (а нема ни да може да ѝ одземе легитимен мандат како што тоа своевремено го направи казнувајќи ја Лиле Поповска за мислење со своја, а не со партиска глава). Се разбира, очите на јавноста ќе бидат свртени (и) кон Топузова Каревска. Таа ќе биде изложена на јавна контрола, додека нејзините сопартијци, и генерално опозицијата, откако капитулира сонува за одење во партизани, од каде што ќе ги гради институциите. Во „нивната“ (паралелна) Македонија ќе прават парламент и влада во сенка, а и со некои други изуми ќе ја „збогатуваат“ демократската практика. Прочитав добар афоризам: „Власт, седни, единица! Опозиција – нула!“, пишува Ванковска во својата колумна.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top