Осумкратниот македонски ракометен првак Вардар со задоволство може да го потврди трансферот на голманот Арпад Штербик (34) кој потпиша четиригодишен договор со важност од сезоната 2014/2015. Најдобриот светски играч од 2005 година во изборот на ИХФ, доаѓа во Македонија по десет сезони минати во шпанската АСОБАЛ лига каде настапуваше за тимовите на Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Барселона.
Намерата на Вардар, четвртфиналистот на ЕХФ Лигата на шампионите во сезоната 2013/2014 е создавање на моќен тим што ќе биде понуди квалитет и ќе биде предизвик за сите европски ривали. Арпад Штербик се вклопува во идејата и замислите на Вардар за создавање на конкурентен тим поради што е потпишан договор со четиригодишна клаузула.
Со неговиот ангажман клубот добива искусен играч, вистински лидер, горостасен бедем во одбраната кој ќе го подигне квалитетот на играта во Вардар, и играч што во својата кариера ги има освоено сите клупски трофеи, вклучувајќи ја и ЕХФ Лигата на шампионите, трофеи од домашните првенства, медали од СП со две различни репрезентации, со онаа на СР Југославија и со Шпанија.
Штербик петпати беше прогласуван за најдобар голман во АСОБАЛ лигата (2006, 2007, 2008, 2009, 2010), еднаш беше МВП на АСОБАЛ лигата (2006) и еднаш беше прогласен за најдобар играч во Унгарија (2005). Беше и најдобaр голман на СП 2005 година.
Квалитетот на Штербик се гледа по 55 медали со екипите со кои досега настапувал и осумте признанија добиени за индивидуални квалитети. Има едно злато од СП (2013), една сребро од младинското од ЕП (1998) и три бронзени медали од СП (1999, 2001 и 2011) и злато од Универзијадата во 1999 година.
„Вардар добива големо засилување во Арпад Штербик, голман од светски калибар кој очекуваме и верувамеќе донесе нов квалитет во играта на клубот, ќе помогне во освојување на многу нови трофеи. Клубот доби вистински професионалец, борец и човек со големи вредности. Не радува што играч со такво педигре препозна во Вардар клуб со сериозни амбиции, место каде ќе има нов предизвик, и каде ќе може повторно да се радува на големи успеси, заедно со нас. Се надевам дека Арпад Штербик ќе биде подеднакво среќен и задоволен со настапот и успесите што ќе ги постигне со Вардар, како што сме и ние сега со неговотоангажирање, изјави Давор Стојаноски, директорот на Вардар.
„Вардар е историски клуб со големи амбиции, и себе си се гледам во овој нов проект, и тоа за мене е голем предизвик. Се надевам дека овие четири години ќе можеме да направиме многу успех и овој легендарен, не само македонски клуб ќе го подигнеме на уште повисоко ниво, бидејќи македонскиот ракомет заслужува да има една добра екипа во Скопје, што ќе се бори за сите титули, изјави Арпад Штербик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.