| четврток, 6 декември 2018 |

Популарниот „К-15“ – стимул за работниците

Регрес за годишен одмор до крајот на годината треба да добијат сите вработени во приватниот сектор, дури и оние кои работат најмалку шест месеци кај истиот работодавач

ssm

Регресот за годишен одмор познат како „К-15“ од почетокот на јули треба да се исплаќа во приватниот сектор. Исплатата од годинава е задолжителна и произлегува од Општиот колективен договор за стопанството што го потпишаа Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија.

Вработените во приватните фирми ќе добијат најмалку 40 проценти од просечната исплатена нето-плата во последните три месеци, но можно е на ниво на дејност да се утврди и повисок износ од утврдениот во Општиот колективен договор.

Регрес за годишен одмор до крајот на годината треба да добијат сите вработени во приватниот сектор, дури и тие што работат најмалку шест месеци кај истиот работодавец.

Од Сојузот на синдикати на Македонија се надеваат дека компаниите ќе се придржуваат до обврските од Општиот колективен договор и дека вработените ќе го добијат очекуваниот регрес за годишен одмор.

– Ова е враќање на едно право, кое, навистина, сметавме дека треба да го имаат работниците во Република Македонија. Висината на регресот изнесува најмалку 40 проценти од нето-платите исплатени во последните три месеци или околу 8.500 денари. Тоа значи дека оваа обврска започнува – вели Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Според синдикатот, исплатата на „К-15“ нема да претставува финансиско оптоварување за компаниите бидејќи се работи за сума од околу 8.500 денари, која е најниска што може да се исплати.

– Доколку се споредува со платата и минималната плата, може да се забележи дека станува збор за едно право коешто е присутно секаде во светот, без разлика дали се вика регрес за годишен одмор или исплата на плата за годишен одмор. Јас мислам дека сите општествено одговорни компании редовно го исплаќаат и ќе продожат да го исплаќаат – вели Митревски.

Од Стопанската комора на Македонија, каде се здружени големите компании, истакнуваат дека исплатата на регрес за годишен одмор како можност постоела и пред наведените измени во Колективниот договор и оти дел од компаниите го исплаќале и во поголем износ од предвидениот. Тие не очекуваат исплатата на „К-15“ да предизвика финансиско оптоварување со оглед на економската активност во државата, а од друга страна, пак, сметаат дека регресот за годишен одмор ќе претставува стимул за работниците.

– Имајќи го предвид континуираниот пораст на индустриското производство во првите четири месеци оваа година, зголемените стопански активности во секторот градежништво во реализацијата на капиталните инвестиции, добрите резултати во надворешно трговската размена во првиот квартал од оваа година, се очекува дека исплатата на регресот за годишен одмор нема да има поголеми финансиски негативни ефекти врз ликвидноста на компаниите. Од друга страна, овој надомест ќе претставува дополнително стимулирање на работниците за извршување на работните обврски со што ќе се зголеми ефикасноста во нивното работење – нагласуваат од Стопанската комора на Македонија.

Ставот на Сојузот на стопански комори, каде што членувааат малите и средните компании е дека исплатата на „К15“ е законска обврска и оти генерално таа ќе се почитува од страна на работодавачите, но додаваат дека тоа е и дополнителен трошок.

– Можеби ќе беше подобра варијанта оваа награда за вработените да се оставеше на слободната волја на работодавачите, односно тие компании кои се финансиски способни да исплаќаат, а оние што не можат, да не исплаќаат. Иако и претходно регресот за годишен одмор не беше законска обврска, сепак, некои компании го исплаќаа – велат од ССК.

Со почетокот на исплатата на „К-15“, Синдикатот успеа да исполни уште едно право на работниците, но останува да се разгледаат можностите за воведување на оваа обврска и во јавниот сектор. Од синдикатот велат дека преговорите за ова ќе продолжат по формирањето на новата влада.

– Сè уште сме во преговори, а по формирањето на новата влада на РМ очекуваме да продолжат преговорите, но таму, сепак, станува збор за една друга димензија каде што платите се многу повисоки – вели претседателот на ССМ, Митревски.

Законот за работните односи предвидува санкции за неспроведување на актите од колективните договори кои ги поврзува исплатата на одредени права и остварување на правата од работниот однос.

Минималните казни за неисплаќање „К-15“ изнесуваат од илјада до четири илјади евра, но би биле многу поголеми доколку се водат судски постапки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top