| четврток, 6 декември 2018 |

Советот на Европа со осуда за турската полиција

turska policijaЖестоката пресметка на полицијата со демонстрантите на вчерашните протести во Истанбул и Анкара предизвика остра осуда во Советот на Европа.

– Ја осудувам прекумерната употреба на сила од страна на турската полиција против демонстрантите и новинарите. Саботните случувања се надоврзуваат на повеќето настани во кои третирањето на протестите во Турција предизвикува сериозна загриженост во однос на човековите права, изјави Нилс Муижниекс, комесар за човекови права во Советот на Европа.

Протсетите се одржаа по повод одбележувањето на годишнината од големите минатогодишни антивладини протести во Турција, во кои загинаа осум луѓе, додека неколку илјади беа повредени.

Униформирани и цивилни полицајци, кои само во Истанбул биле околу 25.000, вчера во овој град и во Анкара употребиле солзавец, водени топови и палки против демонстрантите. Ангажирани биле и десетици оклопни возила, а местото на судирите биле надгледувано од хеликоптери.

На снимките можело да се забележи како демонстранти лежат на земја, гушејќи се од солзавец или облеани во крв.

Повеќе учесници на вчерашните протести, според соопштенијата на организациите за заштита на човекови права, биле приведени, но за тоа нема официјални информации.

На удар се нашле и претставници на медиумите. Меѓу другото, екипа на Си Ен Ен, која информирала од местото на настанот, подолго време била приведена.

– Несоодветното однесување на безбедносните сили претставува директна закана за владеењето на законот и не може да се толерира, нагласи Муижниекс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top