| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува снимањето на играниот филм „Татко“

Утре, 31 мај 2014 година, во Приштина ќе падне првата клапа на играниот филм „Татко“ ‐ копродукција помеѓу Германија, Косово и Македонија, инаку режисерско деби на Висар Морина, кој е и автор на сценариото. Морина по потекло е од Косово, а веќе подолго време живее и работи во Германија.

„Татко“, преку уникатниот лик на Нори, десетгодишното момче што е присилено прерано да созрее, дава еден поинаков приказ на Косово во деведесеттите години на минатиот век. Нори претрпува големи загуби и храбро се соочува со потезите на судбината. Но, по прераната смрт на неговата мајка, не може да прифати да биде напуштен и од својот татко Гзим. Нориевата детска истрајност покажува екстремна длабочина, што ја издигнува над приказната на еден бегалец или политичкиот контекст на Косово.

„Нико филм“ од Германија, „Круша продуксиони“ од Косово и „Скопје филм студио“ се продукциските куќи одговорни за реализација на проектот „Татко“, за што добија финансиска поддршка од страна на соодветните национални филмски фондови: West German Broadcasting (WDR), Film und Medienstiftung (NRW), German Federal Film Board (FFA), Косовскиот филмски центар и Филмскиот фонд на РМ, кои препознаа потенцијал во овој проект.

На филмот работи интернационална екипа, во која секоја од земјите копродуценти е застапена со свои автори. Истакнатиот македонски актер Џевдет Јашари ќе толкува една од улогите, а креативниот дел на Македонија ќе биде надополнет со автор на шминка Мартин Павловски и дизајнер на звук Игор Поповски.

Во подготвителниот период, продукциските куќи со заеднички напори ги создадоа сите неопходни услови за успешно снимање на филмот, за кое беа одбрани повеќе локации во Косово, Македонија и Германија. Снимањето во нашата земја, на еден дел од сцените, ќе сеодвива во Охрид во првата половина на месец јули оваа година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top