Фантастични втори 20 минути од вториот натпревар од финалната серија за шампион на Македонија, 14-кратниот првак на нашата држава Работнички успеа да го израмни резултатот на 1-1 во победи против МЗТ СКопје. Серијата се игра во три добиени средби.
Конечниот резултат на крајот од натпреварот гласеше 89-83. Во првиот дел МЗТ Скопје успеа да направи 14 коша разлика (45-31) благодарејќи на одличната игра во одбраната и борба под двата коша со што успеаја да соберат дури осум офанзивни скока.
Очигледно на полувремето тренерот на Работнички Емил Рајковиќ имаше што да ги советува своите избраници. Тргнаа фуризно и за само 4 минути игра во вториот стигнаа до негатива од само шест поени. По тајмаутот на Мартич МЗТ постигна неколку поени, но и тоа не беше доволно за серијата на Работнички. За само 10 минути во второто полувреме резултатот од натпреварот беше нерешен (65-65). Со ваква игра играчите ги „внесоа“ во игра и навивачите кои безрезервно ги подреа своите миленици. Во последниот дел Работнички успеја набрзина да направи седум коша предност (74-67). „Аеродромци“ смогнаа сили во финишот од натпреварот да стигнат до достижни четири коша разлика 3,5 минути до крајот, но тоа беше се што направија. Пенал завршницата го одлучи победникот бидејќи МЗТ проба со фаули да го спречи нападот на 14-кратниот шампион.
Клучен за пресвртот беше репрезентативецот Дарко Соколов со 21 постигнат поен и шест асистенции. Дури шест играчи од таборот на Емил Рајковиќ постигнаа двоицифрен број поени. Посебно во вториот дел беше забележителен учинокот на ветеранот Димитар Мираковски кој ги разигра своите соиграчи и даде клучни поени. Тодор Гечевски и Дамјан Стојановски се истакнаа кај плавите од Аеродром со 21 односно 19 коша.
И на овој натпревар двете екипи беа бодрени од своите навивачи кои беа коректни и без инциденти во текот на целиот натпревар.
Следниот натпревар се игра во недела во 19.30 часот истотака во СЦ „Борис Трајковски“, а на овој натпревар домаќин е МЗТ Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





