Обвинителството поднесе обвинение против седуммина осомничени за големата кражба на артефакти во Музејот на Македонија, информираа од Основниот суд Скопје 1.
Обвинение не е покренато за поранешниот прв човек на Управата за културно наследство, Паско Kузман.
Kривичниот совет на судот, а по барање на Обвинителството, на сите обвинети им го продолжи притворот за нови 30 дена.
Според обвинението, за отуѓување културно наследство од особено значење, државна сопственост, обвинети се З.В., виш кустос, златарот Ч.K. и Ј. П., кој се товари и за злоупотреба на службената положба и овластување. За злоупотреба на службата се осомничени и Ј. K., Д. K., како и А. Е. За несовесно работење во службата се товари С. С. K.
Засега нема информации дали се пронајдени дел од 162 оригинални артефакти, за кои има докази дека исчезнале од Музејот во периодот од ноември 2011 до октомври 2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.