„Име од вечност“ е насловот на новата книга поезија на Ефтим Клетников, која е целосно посветена на темата Македонија, името е наша болка, изолација и притисок денес. За тоа и за предавниците и за патриотите, за поезијата, за феноменот Име разговаравме со Клетников во интервју за „Република“.
Промоцијата на новата книга поезија на Ефтим Клетников „Име од вечност“ за присутните на промоцијата во Музејот на град Скопје, беше еден вид поетски концерт. Издавач на „Име на вечност“ е издавачката куќа „Три“, ја промовираше Александар Русјаков, а делови од поезијата читаа актерите Билјана Беличанец – Алексиќ и Роберт Вељановски.
Гости на промоцијата беа и баритонот Борис Трајанов, тенорот Марјан Николовски, потоа музичарот Драган Даутовски на тамбура заедно со Ратко Даутовски на тапан и Бајса Арифовска на кавал.
На промоцијата настапија и женскиот хор „Рустико“ со диригентот Запро Запров.
Поетската книга „Име од вечност“ е целосно посветена на темата на името, што е тема на нашата болка, изолација и притисок денес. За тоа и за предавниците и за патриотите, за поезијата, за феноменот Име разговаравме со Клетников во интервју за „Република“.
Вашата последна поетска книга „Име од вечност“ ѝ е целосно посветена на темата на името, што е изворна тема на нашата болка, изолација и притисок денес. Дали тоа беше поттикот за неа?
Клетников: Во добра мера да: болката, изолацијата и притисокот, но и радоста и исконот што ни ги дава Името (него јас го пишувам со голема буква).
Кај нас се направи една шематска поделба на патриоти и на предавници, на тие што се за зачувување на името и на другите што се за компромис, односно за негово менување во име на иднината. Што велите Вие?
Клетников: Мене ми е туѓа таа поделба, макар и имало вистина во неа, зашто какви се тие што се за менување на името ако не предавници? Можеби интелектуалци, академици, професори на разноразни универзитети? Туку работата е во друго нешто. Бодлер има еден императивен стих, кој гласи: „Никој да не излегува надвор од битието“. Зошто? Затоа што од битие се излегува, или, сеедно, влегува само во небитие, во смрт. Ако, пак, знаеме дека основниот синоним за Името уште од прастарите цивилизации бил Животот, разбудената свест за него, тогаш модификацијата на Бодлеровиот стих за нашата ситуација би била „Не излегувајте надвор од Името“, затоа што е тоа живот и излегувањето од него за нас значи влегување во обезличеност и смрт, а не во подобра иднина како што нѐ залажуваат бриселските Европејци со парче путер и со чоколада. За жал, и некои наши платени за тоа или неразбудено родени политичари, интелектуалци, професори…
Самиот велите дека во случајот со „Име за вечност“ не станува збор за класична патриотска поезија. Како тоа?
Клетников: Не е патриотска затоа што во неа се препознаваат нашата колективна болка и рана на нашето, како што би рекол Блаже Конески, „столчено племе“, таа оди подалеку, до архетипската супстанција на Името и до неговата судбинска димензија воопшто.
Творечкиот опус на Клетников е голем. Тој е македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач. Пишува поезија за деца, има подготвено неколку антологии на македонска поезија, препејува од руски, француски, словенечки, српски, хрватски и од словачки јазик.
Двапати е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и трипати на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“.
Поезија: „Модер вир“, „Зраци и самраци“, „Окото на темниот“, „Песни за Огнен“, „Икра и крило“, „Гласови“, „Триок“, „Магновенија“, „Маж и жена со лице спроти ѕвездите“, „Прасјај“, „Троја“.
Поезија за деца: „Кула со златно ѕвоно“, „Златна рипка“, „Море во сонот“, „88 песни за месечината“, „Сончеви песни“.
Есеи и критика: „Орион“, „Јатка“, „Во потрага по целината“.
Имено, и феноменот Име за нас, како никогаш досега, е судбоносен: да се постои, или да се исчезне?
Клетников: Токму така. Веќе реков, излегувањето од Името, од битието, за нас е влегување во небитие, односно во смрт, а не во посветла иднина. Тоа ќе биде само иднина од темница, безличност и од срам. Ние како генерација немаме ни природно ни морално право да го менуваме и продаваме Името за кое се положени толку многу животи на нашите предци. Немаме право, ако сакате, ни во името на Господ, кој ни го подарил него, ни во името на најревносниот христијански апостол свети Павле, кој од Македонија ја христијанизира Европа и и го испрати словото на новозаветниот хуманизам и љубов, за кое таа, за жал, до денес остана глува. Тоа што ѝ се случува на Македонија денес со неа, нејзиниот жесток притисок врз нас, така мали и столчени, го докажува тоа. Опасноста е голема и однатре, не само однадвор. Но, верувам дека, сепак, ќе истраеме. Инаку, ќе станеме Хазари.
Како Вие лично ја доживувате поезијата?
Клетников: Како судбина, а не како естетска игра, или бодлеровски како маска и дандизам. Естетизмот во уметноста ми е туѓ ако нема онтолошка основа и ако не произлегува од човековата положба во светот и од неговата фрленост во трагично постоење, во судбина на нашите прародители Адам и Ева, па наваму.
Има ли судбински поети кај нас? Колкумина се тие?
Клетников: Има, веројатно не многу, но, можеби, повеќе отколку во некои многу поразвиени култури и поезии. На пример, тука се: Григор Прличев, Константин Миладинов, Кочо Рацин, Коле Неделковски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски и можеби уште некој.
Македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист, преведувач од повеќе јазици, автор и на повеќе книги за деца и за млади, преведуван и наградуван. Што најмногу Ве исполнува во творештвото?
Клетников: Убедливо најмногу поезијата. Таа е шифра на мојата душа, говор, што би рекол Хајдегер, на битието, автентично постоење, дефинирање на сопствената ситуација и на ситуацијата на човекот, дефинирање на светот, но истовремено и одбрана од него.
Разговараше: Александра Мазнева Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Поезија од Јовица Тасевски Етернијан објавена на српски јазик
-
Клетников: Освестениот македонски народ да не излезе на референдум и да го бојкотира, затоа што оваа Влада е геноцидна
-
Поезија од Наташа Сарџовска денеска ќе се промовира во Италија
-
„Плати со поезија“ ги мотивираше скопјани да пишуваат поезија