| четврток, 6 декември 2018 |

Шампионски старт на МЗТ Скопје, Работнички декласиран со 17 поени разлика

Шампионски старт имаше МЗТ Скопје против вечниот ривал и најтрофеен кошаркарски клуб Работнички во финалната плејоф серија во домашното првенство. Металците ја бранат титулата, а со победа од 96-79 во првиот меч покажаа дека се подготвени за хет-трик и трета круна во низа.

Работнички има уверливо најмногу титули кај нас, точно 14 и така и го почна дуелот, со убава предност од 13-5. МЗТ возврати со серија од 10-0, но сепак по првата четвртина противникот имаше предност од 26-21. Шампионот се созеде, возврати во следниот период со предност од 13 поени разлика, 28-15 и на одмор замина со водство од 49-41.

Серијата на тимот од Аеродром продолжи и во третиот период, па пред стартот на последните 10 минути веќе беше јасно дека МЗТ Скопје ќе поведе со 1-0 во финалната серија. И последниот период им припадна на домаќините, за уверлива победа од 96-79.

Дамјан Стојановски и Синовец беа најефикасни кај победникот со по 19 поени, Гечевски уфрли 16 поени, а забележеителен беше и Маринковиќ со дабл-дабл од 12 поени и 10 скока.

Кај Работнички Соколов беше најефикасен со 19 поени, а го следеше Симоновски со 16.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top