| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на „Мнемоник45“ во скопски Планетариум

Оваа среда, 28 мај, во скопскиот Планетариум концерт ќе одржи „Мнемоник45“ (Мnemonic45). Настанот е поднасловен „Безгравитциско лебдење со звучните пејсажи на Мнемоник45“.  Концертот визуелно ќе биде проследен со планетариумска презентација и претставува уникатен аудиовизуелен перформанс.

Билетите се во ограничен број и се достапни (по симболична цена) на касата на Младинскиот културен центар – Скопје, во чиј состав се наоѓа и самиот Планетариум. Почетокот е закажан за 21 часот.

По концертот, вечерта продолжува во клубот „Ла Кања“ (Стара чаршија), каде од 22 часот е закажана промоција на албумот на „Мнемоник45“ – Live at Radio Kanal 103.

Материјалот е снимен во живо на Канал 103, во  емисијата „Ако никој не свири…“ на 20 октомври минатата година. Албумот е издаден самостојно, во ЦД-р формат и е во ограничена количина од 50 рачно изработени примероци, секое со уникатна фотографија и дизајн. На фотографиите се наоѓаат дел од локациите на кои е снимен звучниот материјал во својата изворна форма.

Зад проектот „Мнемоник45“ стои Гоце Глигуровски кој живее и твори во Битола. Своите први музички истражувања ги започнува пред 10 години и досега има акумулирано сериозен багаж на музичко знаење. Создава префинета амбиентална електронска музика, која се темели на неговите постојани истражувања на звуците на природата и експериментирањето со истите во дигитален контекст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top