| четврток, 6 декември 2018 |

Пријавени 70 случаи за штети од поплавите во Скопје

Седумдесет пријави за штети од поплавите пристигнале до Градскиот штаб за заштита и за спасување на Скопје по невремето што во недела вечер го зафати главниот град.
Како што информира Град Скопје, нема пријави за повредени лица, туку само за причинета материјална штета, а екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ интервенирале во 11 случаи за отстранување паднати дрвја.

Силното невреме, проследено со дожд, ветер и град, предизвикаа поплави и хаос во сообраќајот на повеќе локации во Скопје. До утрово, информира Град Скопје, целосно е санирана штетата од поплавите кај подвозникот кај Стоковната куќа „Мост”, каде што беа заглавени повеќе возила и лица, кои беа безбедно евакуирани. Екипите успешно интервенирале и на поплавите кај кружниот тек пред хотелот „Континентал“, на влезот во Општина Гази Баба, кај булеварот „Кочо Рацин“ (во близина на МТВ), и на булеварот „Киро Глигоров“. Од утрово сообраќајот во градот се одвива нормално.

Покрај поплавите на овие црни точки, до Градскиот штаб за заштита и спасување пријавени се и повеќе случаи на поплавени подрумски простории, како и на паднати дрвја од големото невреме.

По обилните врнежи што синоќа го зафатија подрачјето на Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, го мобилизираа Градскиот штаб за заштита и спасување, коj на средбата ги утврди приоритетите за расчистување на насобраната вода на сообраќајниците и за санирање на штетите.

Градскиот штаб за заштита и за спасување, во соработка со Дирекцијата за заштита и за спасување, сите јавни претпријатија на Градот Скопје и Противпожарната бригада на Град Скопје, веднаш почна да дејствува на терен.

Веднаш беа активирани повеќе од 300 луѓе и целокупната механизација што е на располагање на јавните градски претпријатија и на Противпожарната бригада. Екипите интервенираа на сите критични точки (поплавени места) и ги санираа штетите. Прво се интервенираше на расчистување на булеварите и улиците во Скопје, а во втората фаза се работеше на испумпување на водите од објектите.

Отворени се и телефони на кои граѓаните може да пријавуваат штети предизвикани од поплавите во Скопје – 02/ 3073010, 02/ 3297295, 02/ 3297204.

Како што информира Град Скопје, градоначалникот Коце Трајановски до раните утрински часови на терен ги следел и координирал активностите на екипите на Градскиот штаб за заштита и за спасување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top