| четврток, 6 декември 2018 |

Во МКЦ утре почнува фестивалот „Про-за Балкан“

Фестивалот ПРО-ЗА Балкан свечено ќе биде отворен утре (27 мај) во Младинскиот културен центар, во 20 часот.
Бидејќи се работи за фестивал кој ја слави прозата на балканските простори кои беа погодени од неодамнешните поплави, на отворањето ќе им биде оддадена почит на жртвите во Србија, Босна и  Херцеговина и Хрватска со едноминутна тишина, а во присуство на авторите од настраданите земји.

На свеченото отворање ќе бидат претставени и ќе се обратат писателите: Даша Дрндиќ од Хрватска, добитник на наградата “Прозарт” што фестивалот ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски допринос кон развојот на балканската книжевност; Алеш Чар од Словенија; Марио Леви од Турција; Драги Михајловски од Македонија; Слободан Шијан од Србија и Ненад Величковиќ од Босна и Херцеговина. За проф. д-р Драги Михајловски ќе говори овогодишниот селектор на македонскиот писател, проф. д-р Венко Андоновски. За писателите од странство ќе говорат уметничкиот директор на фестивалот, проф. д-р Александар Прокопиев, и членовите на уметничкиот совет проф. д-р Елизабета Шелева и проф. д-р Ермис Лафазановски.  По завршувањето на првата вечер посетителите ќе имаат можност да набават книги од повеќето автори со нивен потпис.

Ivan_2013226161433

Веќе од среда, ќе започне првиот литературен пазар во Македонија, кадешто десетина издавачи од Македонија ќе им претстават повеќе од дваесетина наши писатели на членовите на првата Скопје фелоушип програма. Меѓу нив, како што претходно беше најавено, е светски познатиот литературен скаут, една од најпознатите дами во светот на издаваштвото, скаут за Пингвин, за Рандом хаус Канада и уште многу други – Ен Луис Фишер од Велика Британија.

Во Македонија доаѓа и Сузан Кертис – Којаковиќ, веројатно единствениот специјализиран издавач за литература од Балканот во Велика Британија. За важноста на Кертис – Којаковиќ говори и податокот дека веќе на 13 јуни во соработка со престижната Британска библиотека организира извонредно важен настан насловен Балкански ден на кој ќе учествуваат Дубравка Угрешиќ, Владислав Бајац, Андреј Николаидис.

Таа важи и за издавач што обрнува големо внимание и на промоција на преводите на нејзините книги, па во Лондон редовно организира промоции во присуство на нејзините автори често во соработка со министерствата за култура од земјите од Балканот. Нејзините автори не ретко добиваат и рецензии во престижни лондонски медиуми. Преводи од Истрос букс, исто така, влегле во избор за престижната Даблин Импак награда.

Во Скопје доаѓа и Лајтес Лусиен, сопственик на Унионсферлаг (http://www.unionsverlag.ch), швајцарскиот издавач на нобеловците Мо Јан и Нагиб Махфуз (уште пред да ја добијат Нобеловата награда за литература), на Гиљермо Арага, Асли Ердоган, Радјард Киплинг, Адам Загајевски… Унионсферлаг е издавач од Цирих, Швајцарија, а издаваат книги во превод на германски јазик. Унионсферлаг го преведе и “Времето на козите“ од Луан Старова.

Организатор на интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан е издавачката куќа Икона. Директор на фестивалот е Дејан Трајкоски. Уметнички директор е проф. д-р Александар Прокопиев. Членови на Уметничкиот совет на фестивалот се проф. д-р Елизабета Шелева и проф. д-р Ермис Лафазановски. Продуцент на фестивалот е Николчо Мадешовски, директор на Икона.

Одборот за доделување на наградата “Прозарт“што фестивалот ја доделува на истакнат
автор од Балканот за авторски допринос кон развојот на балканската книжевност е составен од: првиот лауреат на наградата “Прозарт“, српскиот писател Владислав Бајац, уметничкиот директор проф. д-р Александар Прокопиев, членовите на Уметничкиот совет на фестивалот проф. д-р Елизабета Шелева и проф. д-р Ермис Лафазановски, и директорот Дејан Трајкоски.

Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура, од амбасадата на Република Словенија, а логистички е помогнат од Европската Унија, амбасадата на Република Хрватска, амбасадата на Република Србија, амбасадата на Босна и Херцеговина, Младински културен центар, град Скопје како и од ресторанот Ориент Експрес и Тивес мода. Фестивалот ПРО-ЗА Балкан се заблагодарува на Интернационалниот литературен фестивал Танпинар од Турција за поддршката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top