Хуманитарниот концерт кој го организира Владата на Република Македонија на кој ќе учествуваат македонските музички ѕвезди, утре ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“, а средствата од продадените карти ќе бидат наменети за поплавените области.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешното гостување на вестите на „Канал 5“ зборуваше за иницијативата, целта и организацијата на хуманитарниот концерт.
Таа воедно упати и огромна благодарност до сите македонски граѓани за нивната помош, поддршка и приодонес и несебичноста која ја покажаа во изминатиот период.
-Јас се надевам дека и на утрешниот хуманитарен концерт кој што почнува во 19 часот во салата „Борис Трајковски“, сите заеднички ќе присуствуваме и ќе дадеме придонес со купениот билет, заедно со сите македонски ѕвезди кои се вклучени во овој хуманитарен концерт – изјави Канческа-Милевска.
За време на хуманитарниот концерт ќе бидат отворени телефонски линии преку сите оператори, со што граѓаните ќе можат да донираат средства и преку телефон.
-Граѓаните исто така ќе можат да донираат средства преку овие телефонски линии од отворениот „кол центар“, каде што ќе има присуство на голем број на спортисти, уметници и јавни личности кои ќе одговараат на тие повици. Ќе биде отворена и жиро сметка на Црвениот крст, доколку се работи за поголеми донации, додаде министерката за култура.
Канческа Милевска истакна дека на хуманитарниот концерт ќе има над 30 учесници, и ќе биде пренесуван во живо на МТВ и на сателитскиот канал.
Министерката за култура, воедно истакна дека во насока на хуманитарната акција, ја донира својата плата за загрозените од поплавените области во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.