| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата „Игра“ на фестивал во Италија

игра

Независната продукција „ТЕАТАР 007“ од Скопје, од 27 до 31 мај со претставата „Игра“ ќе учествува на Интернационалниот театарски фестивал „ТАКТ“, што ќе се одржи во Трст, Италија.
По успешното гостување од минатата година на фестивалот „Театрален куфер“ во Минск, Белорусија и освојувањето на наградата за „Најдобра претстава со невербална комуникација“, претставата „Игра“, ја продолжува својата меѓународна промоција.
Станува збор за претстава која е работена според кратките раскази од Данил Хармс, во режија на Игор Ивковиќ, а во продукција на Миодраг Костиќ. Во неа играат професионалните актери: Фаик Мефаилоски, Филип Кипровски, Ангела Наумоска, Јана Пауновска, Дарко Богески, Илина Матеска, Стефан Петровски, Благица Ристов.
„Игра“ е претстава „револт“, кон класичниот театар, но и кон сите политизирања на театарската уметност. Таа е контрапункт на претставите во кои се величи национализмот, патриотизмот, наспроти глобалноста, широкоградоста и прифаќањето на различностите. Ова е претстава во која се иронизира, исмејува и пародизира се што значи „локално“, „мое“, наспроти „глобално“ и „наше заедничко живеење исполеното со игра“. Изоблиството на сценскиот наспроти вербалниот јазик, доминира во оваа претстава која комуницира со публиката од сите страни на светот.
Во рамките на фестивалот режисерот на претставата Ивковиќ, ќе одржи и пет дневна работилница на тема: „Тело. Знак. Ум“, базирана на методолошките принципи на работа на Антонин Арто и Јержи Гротовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top