Првиот парк на ветерни електрани “Богданци” за педесетина дена откако почна со пробно производство на електрична енергија испорачал над 7 милиони киловат-часови или 7,1 гигават-часови струја во електроенергетскиот систем на Република Македонија. Како што информираат од Електрани на Македонија во моментов се тестираат пропишаните перформанси на турбините и на останатите компоненти од опремата.
– Кон крајот на март беше спроведена координирана операција на трите енергетски компании ЕЛЕМ, МЕПСО И ЕВН-Македонија за приклучување на ветерниот парк на електропреносната мрежа преку трафостаницата во Валандово – потсетуваат од ЕЛЕМ и додаваат дека со тој зафат практично и се создадоа потребните предуслови да почне тестирањето на комплетната опрема преку пробно производство на електрична енергија.
Подигнувањето и монтажата на сите 16 ветерници на локацијата Ранавец кај Богданци заврши на 20 февруари годинава со што и официјално е заокружена најтешката фаза од изградбата која траеше 76 дена.
Од енергетската компанија укажуваат дека согласно планот на активности пробната работа што како период е пропишан од производителот на опремата ќе трае до јуни по што новиот енергетски капацитет ќе биде ставен на располагање на електроенергетскиот систем на Република Македонија, односно ќе влезе во редовно производство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.