– Минатата година во јануари објавивме еден тендер, но со оглед на високите цени тендерот пропадна. Повторно објавивме тендер во ноември 2013 година и се пријавија поголем број на компании, на крајот на електронската аукција останаа три компании но сите ги задржаа високите цени. Така што, она што ни беше буџетирано односно 45 милиони евра заеднички со Владата не беше ни блиску до најниската понуда од 67 милиони евра од една италијанска компанија. Втората беше 77 милиони и 90 милиони беше третата понуда од компанија. Со оглед на тоа што вредноста на најниската понуда после електронската аукција е скоро за 50 отсто повисоко од она што е предвидено во буџетот, ние како Град Скопје одлучивме да ја прекинеме постапката, немаме многу поле ни за преговарање. Понатаму ќе размислуваме што ќе правиме со подземната сообраќајница – вели градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
Градот за подземната сообраќајница, ќе се обиде да добие средства преку Европските фондови, а до тогаш, како што најави Трајановски, нема да запре околу подобрување на сообраќајот, од аспект на сообраќајници.
– Имаме други поевтини алтернативни решенија кои може да ги правиме во Градот. Веќе Секторот за сообраќај ги прави почетните студии и елаборати околу новите решенија. Тие ќе допринесат за растеретување на сообраќајот во Скопје, а подземната сообраќајница ќе ја оставиме за подоцна. Направивме максимум што можевме да направиме меѓутоа на пазарот не добивме цена која што е барем приближна на онаа која што Градот Скопје ја имаше буџетирано – додаде Трајановски.
Подземната сообраќајница требаше да биде во должина од 1300 метри, од кои 900 метри под земја и 400 над земја и да почнува од Владата, па сѐ до новата железничка станица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.